Русија тврди дека неутрализирала повеќе од 100 украински дронови во ноќните напади

илустрација

Министерството за одбрана на Русија соопшти дека повеќе од 100 украински беспилотни летала се уништени или пресретнати ноќеска во напади на југозапад на руската територија и на полуостровот Крим.

Министерството соопшти дека армијата неутрализирала 51 дрон над Крим, 44 над регионот Краснодар, шест над регионот Белгород и еден над регионот Курск.

Во текот на ноќта, поморската противвоздушна одбрана и патролни бродови на Црноморската флота уништија шест поморски беспилотни летала во водите на Црното Море.

Видете и ова: Осуммина повредени во украински напад на Белгород

Руската армија редовно објавува дека одбила ноќни напади на украински беспилотни летала, но ретко се наведува толкава бројка, јавија западни медиуми.

Гувернерот на Белгородската област, која граничи со Украина, претходно денеска објави дека мајка и четиригодишно дете загинале при напад со беспилотно летало врз селото Октјабарски.