Блинкен во ненајавена посета на Украина: Новиот пакет оружје од САД пристигнува

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска (14 мај) во Киев изјави дека веќе пристигнува нов пакет оружје за Украина.

На средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски, за време на ненајавената посета на Киев, Блинкен рече дека ќе стигне уште оружје и дека „тоа ќе направи разлика“.

Зеленски му рекол на Блинкен дека на Украина сега и се потребни две батерии за противвоздушна одбрана за Харкив, откако Русија започна нова офанзива во областа минатата недела.

„Знаеме и дека помошта е на пат сега, некои веќе пристигнаа, а уште ќе пристигнуваат. И тоа ќе направи вистинска разлика против руската агресија на бојното поле“, рече Блинкен.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен доцна во понеделникот допатува во ненајавена посета на Украина, каде што е планирано да се сретне со украинските власти и да ја потврди континуираната поддршка на САД за Украина додека Киев се бори против руската инвазија, соопштија од Стејт департментот.

Блинкен треба да се сретне со претседателот Володимир Зеленски, премиерот Денис Шмихал и министерот за надворешни работи Дмитро Кулебa.

Видете и ова: САД најавија пакет помош за Украина вреден 400 милиони долари

Блинкен и украинските власти треба да разговараат за „новите информации од бојното поле, влијанието на новата безбедносна и економска помош на САД, долгорочните безбедносни и други обврски“, рече портпаролот на Стејт департментот, Метју Мулер.

Американскиот државен секретар во текот на денот ќе одржи говор пред студентите на Политехничкиот институт во Киев, додаде тој.

Во меѓувреме, украинската војска соопшти дека руските сили го засилиле нападот од големи размери на пограничниот регион Харкив и дека ситуацијата во областа на градот Вовчанск станала многу тешка и довела до евакуација на жителите.