САД остануваат посветени на договорот од Преспа, по говорот на претседателката

Американската амбасада во Скопје

Aмериканската амбасада во Република Северна Македонија излезе со кус став по однос на прашањето за вчерашната инаугурација на новоизбраната претседателка Гордана Силјановска-Давкова.

Соединетите Американски Држави остануваат цврсто посветени на Договорот од Преспа и на евроатлантските интеграции на Северна Македонија, се вели во соопштението од амбасадата.

„Откако ќе се формира нова влада и ќе се избере премиер, ќе продолжиме да ја зајакнуваме важноста на почитувањето на меѓународните договори и придобивките од напредокот на државата со полноправно членство во Европската Унија“, пишуваат од амбасадата на САД.

Сиљановска Давкова давајќи свечена изјава во Собранието наместо уставното име Република Северна Македонија користеше само Македонија.

Видете и ова: Официјална Софија по инаугурацијата на Сиљановска-Давкова: Договорите мора строго да се спроведуваат

Претседателот на Собранието, Јован Митрески, додека ја читаше свечената изјава во која е содржано уставното име Република Северна Македонија, претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, повторуваше идентично освен во делот на името на Републиката каде користеше само Македонија.

Првата реакцја пристигна во истиот момент кога амбасадорката на Грција, Софија Филипиду, во ист момент ја напушти собраниската пленарна сала во знак на протест. Од грчката амбасада рекоа дека тоа го сторила по инструкции од Министерството за надворешни работи на Грција.