Првата дама и шефот на украинската дипломатија во прва посета на Србија од руската инвазија

Сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска

Сопругата на претседателот на Украина, Олена Зеленска и украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба, од неделата (12 мај) се во билатерална посета на Белград.

Тоа е прва посета на високи украински достоинственици на Србија од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.

Кулеба во понеделник треба да се сретне со премиерот на Србија, Милош Вучевиќ, како и со претседателката на Собранието, Ана Брнабиќ.

Посетата започна со обиколка на градската библиотека во Белград во друштво на сопругата на претседателот на Србија, Тамара Вучиќ, а Зеленска го обиколи градот и неговата средновековна тврдина Калемегдан, јави агенцијата Танјуг. Другите медиуми не беа информирани за овој настан.

Како што е најавено на Инстаграм профилот на Зеленска, таа го посети археолошкиот локалитет со изложбата „Римска сала“ во градската библиотека во Белград, како и „украинската полица“, катче од библиотеката со украински книги што е основана под нејзино покровителство.

Таа присуствувала и на потпишувањето на договорот за соработка меѓу универзитетите во Белград и Киев.

Србија го поддржува територијалниот интегритет на Украина, која го вклучува и полуостровот Крим, кој беше анектиран од Русија во 2014 година. Сепак, иако Србија е кандидат за членство во Европската Унија (ЕУ) од 2012 година, Србија не ја усогласи својата надворешна политика со онаа на Брисел, ниту ги усвои санкциите што нејзините западни партнери и ги воведоа на Русија по инвазијата на соседна Украина.

Зеленска и Кулеба допатуваа во посета на Србија десет дена по изборот на новата влада, која ја следат контроверзии поради имињата на двајца министри блиски до Русија, поради што Белград претходно беше изложен на критики од ЕУ и од САД.

Се работи за Александар Вулин, прорускиот вицепремиер и поранешен шеф на разузнавањето кој е под санкции на Соединетите Држави и за Ненад Поповиќ, министер без ресор, со политички и деловни врски во Русија, кој исто така е санкциониран од САД.

Видете и ова:

Добри односи со Кина, Русија, САД и членство во ЕУ се приоритети за Србија, рече мандатарот Вучевиќ

Што се однесува до претседателот Александар Вучиќ, тој се сретна со украинскиот лидер Володимир Зеленски три пати од февруари 2022 година, кога започна руската инвазија, за време на меѓународни форуми во странство, а последен пат на регионален состанок во Тирана во февруари.

Од 2022 година, Србија прифати илјадници украински бегалци, испрати хуманитарна помош во Украина и вети помош во деминирањето на земјата и во нејзините повоени напори за обнова.