Литванскиот претседател и премиерката одат во вториот круг од претседателските избори

Литванскиот претседател Гитанас Наузеда и премиерката Ингрида Шимонита

Литванскиот претседател Гитанас Наузеда освои најмногу гласови во првиот круг од претседателските избори, објавија официјални извори во понеделник (13 мај).

На изборите во неделата, Наузеда освои 44 отсто од гласовите, додека премиерката Ингрида Шимонита речиси 20 отсто, според прелиминарните резултати објавени од Централната изборна комисија на Литванија.

Во првиот круг учествуваа осум кандидати, што направи да биде тешко некој да добие 50 проценти од гласовите потребни за целосна победа во првиот круг. Вториот круг на гласање е закажан за 26 мај.

Изборите се во време кога руските придобивки во Украина ги подгреваат стравувањата за намерите на Москва, особено во стратешки важниот балтички регион.

Видете и ова:

Претседателски избори и референдум во Литванија

Главните задачи на претседателот во политичкиот систем на Литванија, која е членка на НАТО, се да ја надгледува надворешната и одбранбената политика, заедно со функцијата врховен командант на вооружените сили.

Имајќи предвид дека Литванија е стратешки лоцирана на источното крило на НАТО, на претседавањето со релативно мала нација му се придава дополнителна важност, бидејќи тензиите меѓу Русија и Западот се зголемуваат поради војната во Украина.

И Наузеда и Шимоните ја изразија својата поддршка за Украина.

Двајцата беа ривали и во вториот круг од претседателските избори во 2019 година, кога Наузеда победи со 66 отсто од гласовите.