Поројните поплави предизвикани од обилните дождови опустошија села на северот на Авганистан, при што загинаа 315 луѓе, објави агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на локални вести.
Во поплавите повеќе од 1.600 луѓе беа повредени, илјадници куќи беа оштетени, а значителен број добиток беше изгубен.
Хуманитарните организации предупредуваат дека последиците од поплавите би можеле да бидат уште поголеми со оглед на тоа што се оштетени здравствените установи на северот од Авганистан, но и критичната инфраструктура, како што е водоснабдувањето, додека улиците се покриени со кал.
„Ројтерс“ јави дека во областа Нахрин во провинцијата Баглан, луѓето ги носеле починатите за да ги погребаат на блиските гробишта.
„Немаме храна, вода за пиење, засолниште, буквално немаме ништо, поплавите уништија сè“, изјави за Мухамед Јахкуб, кој загуби 13 членови на семејството, меѓу кои и деца, за „Ројтерс“.
Талибанскиот министер за економија Дин Мухамед Ханиф апелираше до Обединетите нации, хуманитарните организации и приватните компании да обезбедат помош за погодените.
„Поројни поплави рикаа низ селата, збришаа домови и убиваа добиток“, рече Аршад Малик, директор на огранокот на „Спасете ги децата“ во Авганистан, пренесе „Ројтерс“.
Според неговите проценки, 310.000 деца живееле во најтешко погодените области.
Авганистан е земја во која често има природни катастрофи и Обединетите нации ја сметаат за една од земјите најранливи на климатските промени.
Авганистан се соочи со недостиг на странска помош откако Талибанците ја презедоа власта во 2021 година по повлекувањето на меѓународните сили.
Дотогаш, развојната помош од странство го формираше столбот на владините финансии.