Литванците денеска (12 мај) ќе гласаат на претседателски избори кои се одржуваат во време кога руската офанзива во Украина ги подгрева страхувањата од Москва во стратешки важниот балтички регион, јавува Асошиејтед прес (АП).
Во трката за претседателскиот мандат се осум кандидати, меѓу кои и актуелниот претседател Гитанас Науседа, кој важи за фаворит на изборите. Доколку победи, ќе обезбеди уште еден петгодишен мандат.
Сепак, АП пренесува дека бројот на кандидати го отежнува Наузеда и другите кандидати да ги соберат 50 проценти од гласовите потребни за победа во првиот круг од претседателските избори. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребното мнозинство, вториот круг од изборите ќе се одржи на 26 мај.
Право на глас во Литванија, која е членка на Европската Унија и НАТО и една од трите балтички земји, имаат речиси 2,5 милиони гласачи.
Главните задачи на претседателот во политичкиот систем на Литванија се да ја надгледува надворешната и безбедносната политика и да ја извршува функцијата врховен командант на вооружените сили.
Важноста на претседателските избори во Литванија е и поради фактот што таа се наоѓа во стратешки важен дел и го претставува источното крило на НАТО, во светло на руската инвазија на Украина, која трае од февруари 2022 година.
Руската ексклава Калининград на Балтичкото Море е сместена меѓу Литванија на север и исток и Полска на југ. Во Литванија, како и во соседните Латвија и Естонија, постои голема загриженост поради најновата офанзива на руските сили во североисточна Украина.
Сите три балтички држави прогласија независност по распадот на Советскиот Сојуз и зазедоа одлучувачки курс кон Запад, приклучувајќи се и на Европската Унија и на НАТО.
Видете и ова: Напад врз соработник на Навални – Литванија наведува дека „веројатно“ бил организиран од РусијаАктуелниот претседател во трката за уште еден претседателски мандат, пишува АП, е умерен конзервативец кој една недела по изборите полни 60 години. Еден од неговите главни предизвикувачи е четириесет и деветгодишната Ингрида Шимоните, актуелна премиерка и поранешна министерка за финансии, која ја победи во вториот круг од претседателските избори одржани во 2019 година со 66 отсто од гласовите.
Игнас Вегеле, адвокат кој стекна популарност за време на пандемијата со Ковид-19 спротивставувајќи се на ограничувањата и вакцините, исто така е кандидат на изборите.
Гласачите во Литванија, покрај тоа кој ќе биде претседател, гласаат и на референдум за тоа дали треба да се измени Уставот на земјата за да се дозволи двојно државјанство на стотици илјади Литванци кои живеат во странство.
Според сегашниот Устав, Литванците кои ќе стекнат друго државјанство мора да се откажат од своето литванско државјанство. Меѓу другото, ова е една од причините поради која бројот на жители во Литванија падна од 3,5 милиони на 2,8 милиони денес, пренесува АП.
Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) првпат ја отфрли поканата на Литванија за набљудување на изборите.
Владата на Литванија сакаше да ги исклучи набљудувачите од Русија и Белорусија, обвинувајќи ги двете нации, обете членки на 57-члената организација, дека претставуваат закана за нејзините политички и изборни процеси.