Маж од Скопје доби кривична пријава како осомничен за пожарот на мостот „Беласица“ во Скопје што се случи во мај минатата година.
Пријавата до скопското Основно јавно обвинителство ја поднесе Единицата за насилен криминал при скопската полиција и се однесува на делото „тешки дела против општата сигурност“, а поврзано со кривичното дело „предизвикување општа опасност“.
Осомничениот 37-годишен скопјанец од септември 2023 година веќе се наоѓа во затворот „Скопје“ во Шуто Оризари за „тешка кражба“.
„По преземени мерки, подигнати докази, извршени вештачења и разговори со повеќе лица било утврдено дека на 11.05.2023 под мостот ’Беласица‘, пријавениот предизвикал пожар на таканаречената просторија за компензација на топловод. Пожарот се проширил на термичката изолација и топловодните цевководи кои се дел од топлификациска мрежа на ЕСМ-Снабдување со топлина, при што се предизвикани топлински оштетувања на наведениот топловод, како и видливи оштетувања на конструктивните елементи на мостот“, соопштија од Министерството за внатрешни работи.
Видете и ова: АД ЕСМ започна со санација на цевководот на мостот „Беласица“По пожарот во мај 2023, мораше да се санира топлификациската мрежа за дел од скопјани да може да добијат парно во пресрет на грејната сезона што започна во октомври лани.
Исто така, неколку месеци мостот не беше во употреба што предизвика сообраќаен метеж во тој дел од градот со оглед дека „Беласица“ е дел од една од клучните сообраќајници во Скопје.
Две ленти од мостот беа пуштени за сообраќај во септември 2023, а од почетокот на месецов тој е целосно во употреба.