Израел продолжи со нападите врз Појасот Газа

Чад над Рафа по израелските напади, Појасот Газа, 10 мај 2024 година

Израелските сили во петок (10 мај) ги засилија нападите во Појасот Газа откако двете страни ги напуштија разговорите за постигнување примирје и спречување на израелска офанзива на Рафа без договор.

Како што јави АФП, израелските сили отвориле артилериски оган врз Рафа, на границата со Египет. Очевидци изјавија дека имало и воздушни напади и борби во тој град на југот на Појасот Газа.

Хамас, организација означена како терористичка организација од Соединетите Држави и Европската Унија, испрати порака до другите палестински фракции да ги кажат своите ставови за статусот на индиректните разговори со Израел што се одржаа во средата во Каиро.

Египет апелираше Хамас и Израел да покажат флексибилност со цел што поскоро да постигнат прекин на огнот во борбите.

Видете и ова: Нетанјаху вели дека Израел нема избор освен да го уништи Хамас

Во телефонски разговор со американскиот државен секретар Ентони Блинкен, египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри ја истакна „важноста да се повикаат страните да покажат флексибилност и да вложат напори за постигнување договор за прекин на огнот и на тој начин да се стави крај на хуманитарната трагедија во Газа“, соопшти египетското Министерство за надворешни работи.

„Блинкен потврди дека САД се против голема воена операција во Рафа и какво било принудно раселување на Палестинците од Појасот Газа“, изјави неговиот портпарол Метју Милер.

Израелската армија во вторникот распореди тенкови во Рафа и ја презеде контролата на граничниот премин со Египет, блокирајќи го главниот премин за конвои со хуманитарна помош кон опколената палестинска територија.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четврток изјави дека Израел е подготвен „сам да оди“ во својата војна во Појасот Газа, откако Вашингтон објави дека ќе престане да испорачува оружје доколку израелската војска продолжи со офанзивата во Рафа.