Русија ја стави Фридом Хаус на листата на „непожелни организации“

Логото на организацијата Фридом Хаус

Руското државно обвинителство денеска на 7 мај ја прогласи за „непожелна“ во Русија невладината организација за човекови права Фридом Хаус, која има свое седиште во Вашингтон, пренесува рускиот сервис на РСЕ.

Во образложението од обвинителството, меѓу другото, стои и дека оваа одлука е донесена бидејќи „Фридом Хаус се занимава со обезбедување сеопфатна помош за украинската армија, конфискација на „замрзнатите“ руски средства во корист на Украина, како и дека врши зголемен притисок за санкции врз Русија од страна на Западот“.

Фридом Хаус е основана во 1941 година, а оваа организација повеќе од 40 години ја истражува состојбата на политичките и граѓанските слободи ширум светот.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Русија ја прогласи РСЕ за „непожелна организација“

Шефот на комисијата на Државната дума за истраги за мешање во внатрешните работи, Василиј Пискарев, на почетокот на март објави дека руските власти ќе го разгледаат прашањето за вклучувањето на Фридом Хаус на списокот на „непожелни организации“.

Пискарев ги обвини активистите за човекови права за „кампања за дискредитирање на изборите во Русија“, поради извештајот на организацијата во кој Фридом Хаус ги карактеризираше претседателските избори во Русија во 2024 година како фалсификат, потсетува Медуза.

Списокот на „непожелни организации“ постои во Русија од 2015 година. Во моментов во него се вклучени 160 субјекти. За евентуална соработка на руски фирми со организации вклучени во оваа листа предвидена е административна и кривична одговорност.