Службата за безбедност на Украина (СБУ), денеска на 7 мај, објави дека уапсила членови на мрежата на агенти на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кои планирале да го убијат украинскиот претседател Володимир Зеленски, јавува Радио Слободна Европа на англиски (РСЕ).
Во соопштението се додава дека рускиот план вклучувал и ликвидација на шефот на СБУ Васил Маљук, шефот на военото разузнавање, Кирил Буданов, како и други високи украински функционери.
Според СБУ, двајца полковници од управата на Државната гарда на Украина, чии имиња не се соопштуваат, се обвинети за велепредавство извршено за време на војната и подготовка на терористички акт.
Тие биле уапсени откако им биле претресени домовите. Доколку бидат прогласени за виновни, им се заканува доживотен затвор.
Од СБУ велат дека меѓу задачите на мрежата агенти на ФСБ, била и потрагата по воен персонал близок до обезбедувањето на претседателот, кој би можеле да го земат како заложник и подоцна да го убијат
Групата, наводно, планирала да го убие Буданов пред православниот Велигден, 5 мај.
Видете и ова: Уште шест години за Путин и пет работи на кои треба да се внимаваСпоред СБУ, заговорниците имале за цел да го искористат доушникот за да добијат информации за неговата локација, што потоа ќе го нападнат со ракети и дронови. Еден од полицајците кој подоцна беше уапсен веќе купил дронови и противпешадиски мини, се вели во соопштението.
Шефот на СБУ, Васил Маљук, рече дека нападот требало да биде „подарок за Путин пред инаугурацијата“, мислејќи на инаугурацијата на Путин за нов мандат како претседател на Русија, која се случи денеска на 7 мај.
„Руската операција се претвори во неуспех за руските специјални служби. Но, не смееме да заборавиме - непријателот е силен и искусен, не може да се потцени“, рече Маљук
Двајца украински функционери се во притвор под сомнение за предавство и подготовка на терористички акт, а СБУ објави и дека тројца офицери на ФСБ ја надгледувале организацијата и нападот.