Израелската влада одлучи за затворање на Ал Џезира

Телевизија Ал Џезира

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху одлучи да ја затвори телевизијата Ал Џезира во Израел се додека трае војната во Газа, со образложение дека катарската телевизиска мрежа ја загрозува националната безбедност.

„Поттикнувачкиот канал Ал Џезира ќе биде затворен во Израел“, објави Нетанјаху на социјалните мрежи по едногласното гласање во владата.

Во соопштението на владата се вели дека израелскиот министер за комуникации потпишал наредба за „итно дејствување“, но Ал Џезира сепак може да се обиде да ја оспори оваа одлука на суд.

Мерката, како што се наведува во соопштението, ќе опфати затворање на канцелариите на Ал Џезира во Израел, конфискација на опремата за емитување, исклучување на канали од кабелски и сателитски компании и блокирање на веб-страниците.

Видете и ова: Претставници на Хамас во Каиро на преговори за прекин на огнот во Газа

Ал Џезира е финансирана од катарската влада, а телевизијата ја критикуваше израелската воена операција во Газа, од каде известуваа нивните новинари во текот на војната. Во израелската изјава не се споменуваат операциите на Ал Џезира во Газа.
Минатиот месец, израелскиот парламент го ратификуваше законот со кој се дозволува привремено затворање на странски радиодифузери во Израел кои се сметаат за закана за националната безбедност.

Ал Џезира претходно ги отфрли обвинувањата дека тие се закана за безбедноста на Израел и рече дека затворањето е обид да се замолчат.

Законот им дозволува на Нетанјаху и на безбедносниот кабинет да ја затворат Ал Џезира во Израел на 45 дена, но одлуката може да се обнови за да се задржи исклучувањето на сила до крајот на јули или до крајот на големите воени операции во Газа.