Најмалку 25 лица беа уапсени во саботата на пропалестински демонстрации на универзитет во американската сојузна држава Вирџинија, а полицијата расчисти шаторска населба што студентите ја поставија во знак на протест против војната во Газа.
Студенти ширум САД поставија шатори во универзитетските кампуси во знак на протест против повеќемесечната војна во Газа и го повикаа претседателот Џо Бајден, кој го поддржува Израел, да стори повеќе за да го запре крвопролевањето во Газа.
Студентите, исто така, бараат прекин на американската воена помош за Израел, дистанцирање на универзитетот од добавувачите на оружје и други воени профитерски компании и помилување и амнестија за студентите и професорите кои биле казнети или отпуштени поради протести.
Во соопштението за печатот, Универзитетот во Вирџинија рече дека демонстрантите прекршиле неколку универзитетски политики, вклучително и поставување шатори и користење гласна музика.
Претседателот на Универзитетот во Вирџинија, Џим Рајан, рече дека официјалните лица дознале дека „поединци кои не се поврзани со универзитетот“ им се придружиле на демонстрантите во кампусот. Не е јасно колку студенти има меѓу уапсените.
Видете и ова:
Десетици илјади израелци протестираат за ослободување на заложницитеВо текот на изминатите неколку недели низ американските универзитети се одржуваат протести и контрапротести поради војната во Газа. Голем број училишта, вклучително и Универзитетот Колумбија во Њујорк, ја повикаа полицијата да ги задуши протестите. Низ целата земја, полицијата досега уапси над две илјади демонстранти.
Универзитетот во Мичиген е еден од многуте што ги променија безбедносните протоколи за церемониите за дипломирање.
Антивоените протести се организираат како одговор на израелската офанзива во Газа, започната по нападот на Хамас на 7 октомври, за кој Израел тврди дека загинале 1.200 луѓе. После тоа, Израел започна напади врз Газа каде според Министерството за здравство предводено од Хамас, кој САД и ЕУ го сметаат за терористичка група, загинаа повеќе од 34.000 луѓе.