Пред продолжување на преговорите за примирје, десетици илјади Израелци се собраа во Тел Авив повикувајќи на договор за ослободување на заложниците.
Демонстрантите бараат од израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да го прифати договорот за прекин на огнот.
Протестите доаѓаат во моментот на одржување на преговори со претставници на Хамас, кој ЕУ и САД го сметаат за терористичка организација, во Каиро. На преговорите се присутни и египетски и катарски посредници, а семејствата на повеќе од 130 заложници порачаа дека мора да се направи се за нивно ослободување.
Видете и ова:
Претставници на Хамас во Каиро на преговори за прекин на огнот во Газа„Мораме да ги вратиме назад. Мораме да ги вратиме сите заложници, живи. Мора да ги вратиме. Мора да ја смениме оваа влада. Ова мора да заврши“, рече Натали Елдар.
Околу 1.200 Израелци беа убиени кога Хамас ги започна своите напади на 7 октомври. Како одговор, Израел започна напади врз Газа во кои досега загинаа над 34.000 луѓе, според Министерството за здравство на Хамас.
Владата на Нетанјаху инсистира дека нема да ја запре војната додека Хамас не биде уништен и додека не се вратат заложниците. Сепак, во тек се преговори за да се обезбеди прекин на огнот.
Израелскиот премиер се соочува со притисок од националистичките верски партии во неговата коалиција да го отфрли договорот со Хамас и да продолжи со офанзивата врз градот Рафах во јужниот дел на Газа.
Се проценува дека повеќе од 1,4 милиони Палестинци се засолниле во јужниот дел на Појасот Газа откако избегале од борбите од северниот и централниот дел.