Компаниите негодуваат за враќањето на старите цени за осигурување од автоодговорност

Владата вчера одлучи да се вратат старите цени за полисите за осигурување од автоодговорност (архивска фотографија).

Одлуката да се вратат старите цени за осигурување од автоодговорност е донесена без да се земат предвид анализите на осигурителната индустрија, реагираат осигурителните компании.

Тие наведуваат дека се разочарани од пристрасните тврдења и непрофесионалните квалификации на регулаторото тело Агенција за супервизија на осигурувањата (АСО) врз основа на кои беа вратени цените пред нивното покачување од 25 април.

„Одлуката претставува директна закана за финансиската стабилност на осигурителниот сектор и е поставување во целост на регулаторно ограничување во ценовните политики што е спротивно на препораките на ЕК во извештајот за напредокот на нашата земја, кое може сериозно да ја доведе во прашање грижата за осигурениците“, пишува во дел од реакција на Друштвата за неживотно осигурување.

Видете и ова:

Се враќаат старите цени за автомобилското осигурување

Осигурителните компании во април ја известија АСО дека ќе ги зголемат цените за полисите за задолжителното осигрување од автоодговорност за 15 отсто за автомобили со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила. Премијата за осигурување за возилата со моќност до 44 киловати решија да остане иста.

По ова, од АСО реагираа дека тоа е неоправдано и повикаа надлежните да донесат нови тарифи за да се спречи покачувањето.

Потоа, Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност при Министерството за финансии даде предлог до Владата која на седница вчера (2 мај) одлучи цените да се вратат на нивото од пред 25 април 2024 година.

Дополнително Владата утврди дека во иднина Комисијата секоја година, најдоцна до 30 септември, ќе доставува предлог за минимална и максимална стапка на техничка премија за осигурување.