Американскиот претседател Џо Бајден на 2 мај го бранеше правото на протести, но инсистираше на тоа дека „мора да надвладее ред“. До ова изјава дојде откако универзитетските кампуси низ Соединетите држави се соочуваат со немири поради протести против војната во Газа.
„Несогласувањето е од суштинско значење за демократијата.Но, несогласувањето никогаш не смее да доведе до неред“, изјави Бајден.
Тензиите на колеџите и универзитетите се зголемуваат во изминативе денови, бидејќи некои демонстранти одбиваат да ги отстранат логорите, а надлежните бараат помош од полицијата за да ги расчистат со сила, што доведе до судири кои го привлекоа вниманието на политичарите и медиумите.
Видете и ова:
Критики за Бајден зошто нема коментар за студентските протести во американските универзитетиБајден изјави дека протестите не го поттикнале да го преиспита својот пристап кон војната. Тој, исто така, ги отфрли напорите да се искористи ситуацијата за „да се освојат политички поени“.
Универзитетот Колумбија, каде што започна сè, ги суспендираше студентите по ќор-сокакот во преговорите за прекин на демонстрациите. Студентите на Универзитетот Колумбија ќе ги полагаат завршните испити од далечина по речиси 300 апсења за време на протестите на кампусот претходно оваа недела.
Протестите беа предизвикани од гневот поради израелската офанзива на Газа, во која загинаа повеќе од 34 000 Палестинци. Израел ја започна офанзивата откако околу 1200 Израелци и странци, главно цивили, беа убиени, а 253 други беа однесени во Газа како заложници кога Хамас, прогласен за терористичка организација од САД и Европската Унија, ги нападна израелските позиции на 7 октомври минатата година во близина на границата со Појасот Газа.