Тирана го одбележува Денот на трудот со апели до младите да не се иселуваат

„Не заминувај, и требаш на твојата татковина“, пишува на транспарент истакнат за време на протестот за Меѓународниот ден на трудот во Тирана на 1 мај 2024 година.

На 1-ви мај се одржаа неколку протести во Тирана. На еден од нив група луѓе се собра на патот што ја поврзува Тирана со аеродромот Ринас. На овој протест беше упатен апел до младите да се борат за своите права на работа и да не ја напуштаат Албанија.

Челниците на Конфедерацијата на синдикати порачаа дека на земјата и се потребни работници, бидејќи многу компании страдаат од овој проблем, но додаваат дека на младите не им се нудат пристојни плати и услови.

Протест на патот што ја поврзува Тирана со аеродромот Ринас, 1 мај 2024 година.

„Не заминувај, и требаш на твојата татковина“, пишуваше на еден од транспарентите што ги носеа демонстрантите на овој протест.

„Младите луѓе не би биле принудени да емигрираат доколку креаторите на политики дизајнираат политики за да ги задржат овде, мотивирајќи ги и вреднувајќи ги“, рече еден од демонстрантите.

На уште еден протест одржан по повод 1 мај, просветните работници се собраа пред Министерството за образование барајќи повисоки плати и подобри услови за работа.

Просветните работници го изразија своето незадоволство на транспарентите на кои пишуваше најразлични пароли како: „Без добро платени наставници нема квалитетно образование“, „спроведување на колективниот договор“ и „наградете го наставникот на крајот на годината“.

Протест на просветните работници во Тирана, 1 мај, 2024 година

Просветните работници побараа двојно зголемување на платите, посочувајќи дека само така матурантите можат да изберат да студираат за да станат наставници, професија што сè помалку млади ја одбираат.

Просечната плата на наставникот во Албанија е околу 600 евра месечно.

„Бараме премиерот да го одржи ветувањето дека буџетот за образование ќе биде 5 проценти од бруто националниот производ, тоа мора да се спроведе што поскоро, нема инфраструктура, нема лаборатории, нема зголемување на платите. Без квалитетно образование оваа држава не може да има иднина“, изјави Иса Халилај, претставник на Синдикатот за образование.

Потоа, наставниците се приклучија на протестот што го одржаа пред кабинетот на премиерот, заедно со работници од различни сектори како рудари, нафтени работници и работници во кол-центрите.

Протестот го организираше Сојузот на синдикати на Албанија и Албанската коалиција за работнички права. Извикувајќи „Достоинство на работниците“, демонстрантите побараа владата да размисли, предупредувајќи на помасовни протести во наредните денови.

Видете и ова:

Работниците протестираа за повисоки плати и почитување на нивните права

Жените кои учествуваа на протестот го кренаа својот глас за разликата во платите меѓу мажите и жените и нивните тешкотии да се справат со високите цени.

„Денеска зборуваме за правата на работничките во фабриките за чевли и облека, дали некогаш сте биле таму? Зборуваме за минимална плата во време кога во Европа, па и во Балканот, се зборува за квалитетна плата, која ќе ви овозможи на крај на месецот да можете да си ги платите лекарствата, да можете да купите квалитетна храна, храна чиј рок не и е истечен“, рече еден од учесниците на протестот.

Додека во Тирана се одржуваа работнички протести, премиерот на земјата Еди Рама за време на настанот во Елбасан на кој присуствуваше, рече дека работниците секојдневно докажуваат дека ништо не е невозможно.