На 1 мај, две различни групи демонстранти, пропалестински и произраелски, се судрија предизвикувајќи турканици и тепачка, во кампусот на Универзитетот во Калифорнија, Лос Анџелес (УКЛА).
По неколкучасовна пресметка меѓу овие две групи, полицијата интервенираше за да ги раздвои и да го расчисти насилството.
Пред само неколку часа, полицијата интервенираше во друг универзитетски кампус во САД, за да ги растера пропалестинските демонстранти кои беа изолирани во зградата на Универзитетот Колумбија.
Полицијата беше поактивна во кампусите низ САД во изминатите две недели, како резултат протестите преку кои се повикуваа универзитетите да престанат да соработуваат со Израел или со компаниите кои ја поддржуваат војната во Газа.
Во текот на протестите досега беа уапсени повеќе од 1.000 студенти.
Судирите во УКЛА се случија околу кампот на пропалестинските демонстранти, кои поставија барикади додека контрадемонстрантите се обидуваа да ги урнат.
Дел од демонстрантите фрлаа столови, а во еден момент група луѓе нападна лице кое лежело на земја, клоцајќи го и удирајќи го со стапови.
Се уште не е познат бројот на повредени за време на овие судири.
Градоначалничката на Лос Анџелес, Карен Бас, насилството го нарече „апсолутно одвратно и неоправдано“ и рече дека полицајците од полициската управа во Лос Анџелес биле на местото на настанот откако им било кажано дека универзитетот побарал полициска помош.
Видете и ова: Зошто протестираат студентите на американските универзитети?Нападот на 7 октомври од милитантите на Хамас во јужен Израел - палестинска група означена како терористичка организација од САД и Европската Унија - и последната израелска офанзива, ги предизвикаа најголемите студентски протести во САД од антирасистичките протести во 2020 година.
Пропалестинските демонстранти, исто така, се собраа на Сити колеџот во Њујорк, а универзитетот им нареди да го напуштат кампусот, рече заменик-комесарот на Њујорк Каз Датри. Десетици демонстранти се уапсени, објави Њујорк Тајмс.
Датри, исто така, рече дека универзитетот побарал присуство на полиција за да ги растера демонстрантите.
Многу протести низ САД беа придружени и со контрапротести во кои има и обвинувања за поттикнување на антисемитизам.
Пропалестинската страна, вклучително и Евреите кои се противат на израелските акции во Газа, велат дека неправедно се етикетирани како антисемитисти бидејќи ја критикуваат израелската влада и изразуваат поддршка за човековите права.
Ова прашање доби и политичка конотација пред претседателските избори во САД во ноември, при што републиканците обвинија некои универзитетски администратори дека замижуваат пред антисемитската реторика.
Портпаролот на Белата куќа Џон Кирби во вторникот го нарече принудното влегување во зградите на кампусот „погрешен пристап“.