Блинкен им порача на Израел и Хамас дека е време за прекин на огнот

Американскиот државен секретар Антони Блинкен зборува со новинарите пред камионот за хуманитарна помош за Газа во јорданската хуманитарна организација Хашемит во Аман на 30 април 2024 година.

Државниот секретар на Соединетите Држави (САД) Ентони Блинкен се состана со израелските лидери на 1 мај, за време на посетата на Израел, а во таа прилика му порача на претседателот на земјата дека „е дојдено времето“ за договор за прекин на огнот во војната во Газа.

Ова е седма посета на Блинкен од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас - палестинска група прогласена за терористичка организација од страна на САД и Европската Унија уште од октомври.

Блинкен се обидува да постигне договор кој би ги ослободил заложниците кои ги држат милитантите на Хамас во замена за прекин на борбите. Како дел од договорот се очекува да бидат ослободени и палестинските затвореници.

Блинкен го обвини Хамас за какво било одложување на постигнувањето договор.

„Решени сме да постигнеме прекин на огнот што ќе ги врати заложниците дома и сакаме да го постигнеме тоа сега, а единствената причина што нема да биде тоа постигнато е поради Хамас“, рече тој.

Блинкен ги посети клучните регионални лидери во Саудиска Арабија и Јордан пред да пристигне во Израел. Тој се сретна со израелскиот претседател Исак Херцог, а подоцна ќе се сретне и со премиерот Бенјамин Нетанјаху.

Според американскиот Стејт департмент, тој ќе се сретне и со семејствата на заложниците и ќе посети израелско пристаниште каде се проверува влезот на хуманитарна помош во Газа.

Видете и ова: Блинкен се надева дека Хамас ќе го прифати „дарежливиот“ договор за Газа

Се чини дека тековниот договор меѓу Израел и Хамас постигнува напредок, пренесува новинската агенција АП, но останува клучното прашање дали војната ќе заврши како дел од договорот - барање што Хамас го повтори, а Израел го отфрли.

Блинкен во вторникот рече дека Израел планира да отвори голем премин за хуманитарна помош во северниот дел на Газа. Војната меѓу Израел и Хамас срамни со земја големи делови од северна Газа, а гладот е неизбежен за стотиците илјади цивили кои остануваат таму.

Речиси седум месеци израелски бомбардирања и копнени офанзиви во Газа, според локалните здравствени власти убиле повеќе од 34.000 Палестинци и предизвикале хуманитарна катастрофа.

Војната меѓу Израел и Хамас предизвика напад без преседан на 7 октомври во јужен Израел, во кој милитантите убија околу 1.200 луѓе, главно цивили, и киднапираа околу 250 заложници. Израел тврди дека милитантите сè уште држат околу 100 заложници, како и останките на повеќе од 30 други лица.