Во полициската акција „Боздоган - 33“ се приведени вкупно 58 луѓе во различни делови на Турција, поради сомнение дека се вмешани во подготовка на провокации по повод Денот на трудот – 1 мај, напиша на социјалната платформа Х порано позната како Твитер, турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.
Полициската акција е спроведена во вкупно 11 турски окрузи – Истанбул, Дијарбекир, Адана, Анталија, Билеџик, Мардин, Батман, Мугла, Муш, Шанлиурфа и Ван.
Во акциите во Анталија и во Измир, уапсени се четворица осомничени, за кои полицијата тврди дека на социјалните мрежи вршеле пропаганда во корист на левичарски терористички организации.
„Нема да дозволиме да се толерира ниту еден терорист. Со континуираните напори на нашите безбедносни сили ќе продолжиме со нашата решителна борба сè додека не се неутрализира и последниот терорист во име на мирот, единството и солидарноста на нашиот народ“,напиша министерот Јерликаја.
Министерот за внатрешни работи вчера соопшти дека властите забрануваат организирање демонстрации по повод 1 мај на централниот плоштад Таксим во Истанбул.