Црногорскиот бизнисмени, обвинетиот Душко Кнежевиќ, некогаш близок соработник на поранешниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ, е екстрадиран во Црна Гора од Велика Британија за да се соочи со обвиненија за корупција.
Кнежевиќ бил пренесен од Лондон во Подгорица рано наутро на 30 април со специјален лет, соопшти црногорското Министерство за правда. Кнежевиќ, кој има британски, црногорски, кипарски и српски пасоши, е обвинет за „злоупотреба на положба во деловните операции преку поттикнување, создавање криминална организација и перење пари“, соопшти црногорската полиција.
Имено, Специјалното државно обвинителство го бара Кнежевиќ од јули 2019 година, а против него се покренати три обвиненија - за организирање криминална група, перење пари и злоупотреби во економијата.
Видете и ова: Укината одлуката за екстрадиција на „кралот на криптовалутите“ од Црна Гора во Јужна КорејаОд покренувањето на истрагата тој престојува во Велика Британија.
На четири дена пред екстрадицијата, поранешниот премиер Дритан Абазовиќ изјави дека најдобро би било претседателот на Атлас груп Душко Кнежевиќ да биде заштитен сведок во Црна Гора и да му каже на обвинителството се што знае за бизнисите и економските активности на поранешната влада.
Инаку, Кнежевиќ со години црногорската јавност го сметаше за човек близок на поранешниот премиер Мило Ѓукановиќ. Се занимавал со мултимилионски бизниси - од банкарство, градежништво, образование до медиуми.