Надежите за можно примирје и ослободување на заложниците се зголемија во понеделникот на 29 април, по изјавите на официјални лица од Соединетите Американски Држави (САД) и Египет, кои посредуваат во преговорите меѓу Израел и Хамас, пренесе Агенцијата Франс Прес.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека се надева оти Хамас ќе ја прифати понудата, за која британскиот министер за надворешни работи Дејвид Камерон рече дека може да доведе до ослободување на израелските заложници кои ги држеше Хамас од 7 октомври.
САД и ЕУ го сметаат Хамас за терористичка организација.
Зборувајќи на специјален состанок на Светскиот економски форум во Ријад, Блинкен рече дека предлогот на Израел до Хамас е „исклучително дарежлив“.
„Хамас има пред себе исклучително дарежлив предлог од Израел. Тие треба да одлучат - и мора брзо да одлучат. Се надевам дека ќе донесат правилна одлука“, рече Блинкен во Ријад, пренесе АФП.
Видете и ова: Блинкен се надева дека Хамас ќе го прифати „дарежливиот“ договор за ГазаШефот на британската дипломатија Дејвид Камерон на истиот состанок рече дека на Хамас му е понуден „траен прекин на огнот од 40 дена и потенцијално ослободување на илјадници палестински затвореници, во замена за ослободување на овие заложници“.
Во меѓувреме, саудискиот министер за надворешни работи Фајсал бин Фархан рече дека новиот договор „би бил многу позитивен“.
„Но, апсолутно е неопходно прекинот на огнот да биде траен, а не привремен“, рече тој.
Говорејќи на состанокот на Светскиот економски форум, египетскиот министер за надворешни работи Самех Шукри рече дека „предлогот ги зема предвид ставовите на двете страни“.
Блинкен пристигна во Саудиска Арабија во понеделникот како дел од неговата седма турнеја на Блискиот Исток по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас, за да разговара со официјални лица за управувањето со Газа по завршувањето на војната со Израел.
Во исто време, преговарачите од Хамас требаше да пристигнат во Египет, земја која посредува во мировните преговори заедно со САД и Катар.
Тие земји со месеци се обидуваат да посредуваат за нов договор меѓу Израел и Хамас, по оној од ноември 2023 година, кога за време на еднонеделното примирје беа разменети 80 израелски заложници за 240 Палестинци кои беа чувани во израелските затвори.
Агенцијата Франс Прес пишува дека врз основа на новите дипломатски навестувања, има нов поттик за примирје.
Висок функционер на Хамас на 28 април рече дека групата нема „големи проблеми“ со најновиот план за примирје.
Израел ја започна војната против Хамас, кој САД и Европската унија го сметаат за терористичка организација, по нападот на Хамас на 7 октомври на израелска територија, при што беа убиени околу 1.200 луѓе, главно цивили, а зедоа околу 250 заложници.
Од почетокот на војната, во израелската офанзива загинаа повеќе од 34.000 Палестинци, главно жени и деца, според Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.
Како резултат на војната, околу 80 отсто од населението на Газа, околу 2,3 милиони луѓе, ги напуштија своите домови, додека северот на Газа беше доведен до работ на глад.