Финансиска полиција: Со лажни формулари откупувале стари акумулатори, кривична против фирма и три лица

Управа за финансиска полиција

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против три физички и едно правно лице, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела „измама” и „фалсификување исправа”. Штетата која ја наведува Финансиската полиција дека е направена изнесува 214.411.861 денари или нецели 3,5 милиони евра

Како што се наведува во соопштението од Финансиска полиција, првопријавеното физичко лице во својство на вработено и третопријавеното физичко лице во својство на сопственик и управител на четвртопријавеното правно лице, заедно со второпријавеното физичко лице вработено кај оштетеното правно лице, со намера да се стекнат со противправна имотна корист и со лажно прикажување на факти, го довеле во заблуда оштетеното правно лице, неосновано да исплати значителен износ на пари по основ на откуп на стари акумулатори.

„Првопријавеното и третопријавеното лице во свое име и за сметка на пријавеното правно лице изготвувале и употребувале лажни формулари за отпад на стари акумулатори, кои второпријавеното физичко лице како вработено во оштетеното правно лице ги потпишувало и ги одобрувало лажните испратници и откупните белешки, иако истото знаело дека робата не била испорачана и примена, со што овозможило оштетеното правно лице неосновано да исплати вкупен износ од 214.411.861 денари“, пишува во соопштението од Управата за финансиска полиција.