Палестинските спортисти ќе бидат дел од Олимпијадата во Париз дури и ако не се квалификуваат

Претседателот на Меѓународниот олимписки комитет Томас Бах (Архивска фотографија)

Шест до осум палестински спортисти се очекува да се натпреваруваат на Олимписките игри во Париз, а некои ќе бидат поканети од Меѓународниот олимписки комитет (МОК) дури и ако не се квалификуваат, најави шефот на МОК, Томас Бах.

Бах изјави за АФП дека МОК „јасно се обврзал“ за тоа дека Палестинците ќе бидат поканети дури и ако не се квалификуваат за игрите, кои започнуваат на 26 јули.

Тој вети дека церемонијата на отворањето на игрите во Париз на реката Сена ќе биде „незаборавна“, и покрај постојаната загриженост за безбедноста на речната парада на отворено.

„Крајно професионалниот пристап на француските власти ја зајакнува довербата дека можеме да ја одржиме оваа церемонија на отворање на Сена и дека оваа церемонија на отворање ќе биде незаборавна за спортистите и сите ќе бидат безбедни“, порача Бах во ексклузивно интервју за АФП во седиштето на МОК во Лозана, Швајцарија во петокот, 26 април.

Огромно амбициозната церемонија за отворање закажана за 26 јули останува една од најголемите загатки околу Олимпијадата во Париз.

Наместо традиционалната парада на атлетскиот стадион, тимовите ќе пловат по реката Сена во чамци пред околу 500.000 гледачи, меѓу кои и луѓе кои ќе гледаат од околните згради.

Постојано се шпекулира дека француските власти ќе мора да ја поместат или прилагодат церемонијата поради безбедносни закани, по нападот на концертната сала во Москва во март, за кој одговорност презеде огранок на терористичката група, т.н. Исламска држава, што предизвикува дополнителни стравувања.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Засега ниту еден спортист со А-норма за Олимпијадата во Париз

Францускиот претседател Емануел Макрон минатата недела изјави дека отворањето би можело да биде преместено на националниот стадион, Стад де Франс, иако локалните организатори секогаш инсистираа дека тоа не е опција.

„Сите се решени да ја одржат оваа церемонија на отворање на Сена, а во исто време да ги разгледаат сите различни сценарија“, објасни Бах.

Бах рече дека смета на враќање на гледачите во Париз во 2024 година за да го „оживее олимпискиот дух“ откако последните Игри во Токио, погодени од пандемијата со коронавирусот, се одржаа на празни стадиони.

„Две нарушени изданија би значеле дека Олимписките игри и олимписките вредности ќе исчезнат на цели осум години. Осум години се премногу и тогаш би било многу тешко да се оживее олимпискиот дух“, рече тој.

Запрашан за расположението во Франција и критиките за игрите таму, тој рече дека тоа делумно се должи на глобалната неизвесност.

„Тоа не е поврзано само со Олимпијадата. Тоа е дел од нашиот жар затоа што живееме во несигурни времиња. Има луѓе кои се скептични. Некои се дури и исплашени, а некои се загрижени за својата иднина“, рече Бах.