Случајот со браќата Тејт оди пред судот во Романија

Ендрју Тејт (десно) и неговиот брат Тристан (лево) го напуштаат судот во Букурешт на 29 февруари 2024 година

Судењето во Романија на инфлуенсерот Ендрју Тејт за трговија со луѓе може да продолжи, одлучи судот во Букурешт на 26 април, десет месеци од првото обвинение против него. Во јуни, Тејт беше обвинет заедно со неговиот брат Тристан и две Романки за трговија со луѓе, силување и формирање криминална група за сексуална експлоатација на жени. Сите четворица осомничени ги отфрлија обвиненијата.

Досега случајот беше пред прелиминарниот совет на судот во Букурешт, кој требаше да ги разгледа списите на предметот и доказите за да се осигура законитоста на постапката. Таа постапка е завршена.

„Судот ја забележува законитоста на управувањето со доказите од страна на обвинителот и одлучува предметот да оди на судење“, наведуваат оттаму.

Претставниците на браќата Тејт рекоа дека датумот за судење се уште не е одреден и дека одлуката ќе биде обжалена. Во одделен случај, романскиот суд во март го одобри британското барање за екстрадиција на браќата Тејт поради наводите за сексуален напад од 2012 до 2015 година, но дури по завршувањето на романското судење. Како што пишува Ројтерс, случајот со браќата Тејт ќе биде тест за романската единица за борба против организираниот криминал.

Видете и ова: Романскиот инфлуенсер Тејт и уште тројца обвинети за трговија со луѓе и силување

Трговијата со луѓе се казнува со затвор до десет години, како и силувањето. По нивното апсење во Романија во декември 2022 година, браќата Тејт беа задржани во полициски притвор три месеци пред да бидат префрлени во домашен притвор.

Тие во моментов не можат да ја напуштат Романија. Романските обвинители рекоа дека браќата Тејт ги регрутирале своите жртви заведувајќи ги и лажно тврдејќи дека сакаат врска или брак. Жртвите потоа биле однесени во имоти надвор од Букурешт, каде што биле принудени да произведуваат порнографска содржина за социјалните мрежи, преку кои генерирале големи финансиски профити.

Тејт, поранешен кик-боксер кој има британско и американско државјанство, стана глобално познат по неговите мизогински мотивациони видеа. Тој беше исфрлен од реално шоу поради снимка на која тепа жена. Поради неговите мизогински и агресивни изјави кон жените, му беше забранет пристапот на повеќето социјални мрежи. Тој беше забранет на Твитер се додека Илон Маск не ја презеде платформата.