Украинскиот министер за земјоделство ослободен откако плати кауција

Микола Солски, министер за земјоделство на Украина, 18 мај 2022 година

Украинскиот министер за земјоделство, Микола Солски, кој беше приведен поради обвинувања за корупција, беше ослободен на 26 април откако плати кауција.

По истрагата на Националната антикорупциска канцеларија (НАБУ), украинскиот Антикорупциски суд нареди Солски да биде приведен под обвинение дека незаконски се стекнал со земјиште во вредност од околу 291 милион гривни (околу 6,8 милиони евра), пишува РСЕ на англиски јазик.

Претходно денеска, судијата нареди Солски да биде задржан во притвор до 24 јуни и одреди кауција од 75 милиони гривни (1,7 милиони евра), иако обвинителот препорача многу поголема кауција од 200 милиони гривни (4,7 милиони евра).

Во соопштението за печатот издадено од Министерството за земјоделство по налогот на судијата, се наведува дека е платена кауција од 75,7 милиони гривни за ослободување на Солски, кој „продолжува да ги врши овластувањата на министерот за земјоделство на Украина“.

Видете и ова: Унгарија најави нови рестрикции за земјоделски производи од Украина

Не е наведено кој ја платил кауцијата. Солски (44) е првиот член на владата на претседателот Володимир Зеленски кој официјално е обвинет за корупција.

Откако беше објавено дека е осомничен за корупција, Солски на 25 април ја понуди својата оставка во писмо што на Фејсбук го објави претседателот на украинскиот парламент, Руслан Стефанчук.

„Неговата понуда ќе биде разгледана на претстојната собраниска седница“, рече Стефанчук.

Солски ги негираше обвиненијата, велејќи дека случајот е поврзан со спор помеѓу 2017 и 2018 година пред тој да стане министер. Тој вети дека целосно ќе соработува со истрагата.

Националното Биро за борба против корупцијата на Украина (НАБУ) објави претходно оваа недела дека Солски бил вмешан во заговор што резултирал со негово преземање на државно земјиште во вредност од милиони евра.

Тој, наводно, се обидел да стекне повеќе земјиште во вредност од 190 милиони гривни (околу 4,5 милиони евра).

НАБУ рече дека Солски бил координатор на шемата во која биле вклучени уште три лица, вклучително и двајца вработени во државната канцеларија за катастар.

Украинското Министерство за земјоделство ги надгледуваше напорите на Киев да продолжи со извоз на жито и други производи и покрај руските обиди да ги блокира извозните рути на Црното Море.

Зеленски го отпушти министерот за одбрана Олексеј Резников минатата година по серијата корупциски скандали поврзани со неговото министерство и набавка на резерви за украинските војници кои се борат против Русија на истокот од земјата.