Руското Министерство за правда бара забрана за непостоечко сепаратистичко движење

Зградата на руското Министерство за правда

Руското Министерство за правда во петокот објави дека побарало од Врховниот суд да го забрани меѓународното „Антируско сепаратистичко движење“, организација која најверојатно не постои, објави рускиот сервис на Радио Слободна Европа.

Според Министерството, рускиот Врховен суд ќе го разгледа неговото барање на 7 јуни.

Министерството смета дека ова движење се обидува да го „уништи мултинационалното единство и територијалниот интегритет на Русија“ и поради тоа треба да биде забрането во Русија.

Видете и ова: Новите предизвици за Русија и светот во петтиот мандат на Путин

Организација наречена „Антируско сепаратистичко движење“, како што е „Меѓународното социјално ЛГБТ движење“, кое руските власти претходно го прогласија за екстремно, не постои, забележува ОВД-Инфо, организација во Русија која ја следи репресијата.

Во ноември 2023 година, Врховниот суд го забрани „Меѓународното социјално ЛГБТ движење“. Таа организација всушност не постои, но судот пресуди дека ЛГБТ активистите ширум светот имаат заеднички карактеристики што може да се смета дека учествуваат во истото движење.

Руските организации за човекови права потоа побараа од Врховниот суд да го отфрли барањето за забрана, предупредувајќи дека „невозможно е да се нарече група луѓе „социјално движење само затоа што ги обединуваат некои лични карактеристики“.

Забраната беше најдрастичниот чекор во децениското задушување на правата на ЛГБТ во Русија во времето на претседателот Владимир Путин, кој ги направи „традиционалните семејни вредности“ камен-темелник на неговото владеење.

Минатата година, Генералното обвинителство означи како непожелни организации две движења регистрирани во странство - „Лигата на слободни нации„ и „Форумот на слободни народи на пост-Русија“, кои се залагаат за самоопределување на етничките републики во рамките на Руската Федерација.