Локалните избори во Србија и изборите во Белград ќе се одржат на 2 јуни

Собрание на Република Србија

Претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, за недела, 2 јуни, распиша локални избори во 66 единици на локалната самоуправа во Србија.

Во своето обраќање во српскиот парламент, Брнабиќ рече дека распишувањето на локалните избори за 2 јуни, кога ќе се одржат и изборите во Белград, е резултат на „успешниот дијалог“ и усвојувањето со двотретинско мнозинство во парламентот на измените и дополнувањата на законот за локални избори.

„Среќна сум што испративме порака од парламентот до сите наши граѓани дека како нивни избрани претставници сме способни да постигнеме договор и покрај сите наши разлики. Ваквиот договор е победа на сите одговорни луѓе“, рече претседателката на српскиот парламент.

Видете и ова: Коалицијата „Србија против насилството“ оди на избори под слоганот „Ја избирам борбата“

Веднаш потоа, претседателот на привремената управа на Белград, Александар Шапиќ, за недела, 2 јуни, распиша избори во 17 белградски општини.

Шапиќ рече дека од денеска почнуваат роковите за спроведување на изборните дејствија.

„Им посакувам среќа на сите учесници на изборите и на граѓаните кои покрај претставниците во собранијата на градските општини избираат и свои претставници за Собранието на град Белград“, рече Шапиќ.

На нешто повеќе од еден месец до изборите, опозицијата е поделена дали да учествува на нив или да ги бојкотира.

Како што е најавено, на изборите ќе учествуваат Зелениот левичарски фронт, Народното движење на Србија, Еколошкото востание, Демократската партија, Движењето на слободни граѓани и Новиот лик на Србија, додека Партијата за слобода и правда, Србија центар и од коалицијата НАДА најавија дека нема да учествуваат бидејќи сметаат дека нема време за подобрување на изборните услови до 2 јуни.

Покрај гореспоменатите партии кои исто така учествуваа на декемвриските избори, за власт во Белград одлучи да се кандидира и Движењето „Крени-промени“, а кандидат за градоначалник ќе биде неговиот програмски директор Саво Манојловиќ.

По изборите на 17 декември, опозицијата ја обвини владата за кражба, а владејачката Српска напредна партија (СНС) и државниот врв ги отфрлија ваквите тврдења.

И меѓународните и домашните набљудувачи констатираа нерегуларности на изборите.

Меѓународната набљудувачка мисија на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР) издаде 25 препораки до властите за подобрување на изборните услови.