Агенција за супервизија на осигурување: Неоправдано е поскапувањето на автомобилското осигурување

илустрација

Зголемувањето на цената на полисите за задолжително автомобилско осигурување е неоправдан чекор на осигурителните компании, смета Агенцијата за супервизија на осигурување, по добиените известувања од осигурителните компании дека ќе ја зголемат цената на полисите за осигурување. Новите цени се повисоки за 15 отсто и се однесуваат за автомобили со моќност над 44 киловати (КВ) и за товарните возила. Премијата за осигурување за возилата со моќност до 44 киловати останува иста.

„По извршените пресметки утврдено е дека зголемувањето на цената, со дадените образложенија, не е оправдано“, се наведува во соопштението од АСО.

Поради тоа, како што се нагласува во соопштението, Агенцијата за супервизија на осигурување доставила предлог до Министерството за финансии, во рамки на неговите законски надлежности, да иницира изготвување и донесување нова тарифа на премии за задолжително осигурување од автомобилска одговорност. И со тоа да го ограничи износот на режискиот додаток што ќе овозможи намалување на цената на полисите за задолжително осигурување од автомобилска одговорност.

Осигурителните компании ја добиле информацијата за покачување на цените во понеделникот. Тие биле известени од Националното Биро за осигурување.

Осигурителните компании го правдаат поскапувањето со растот на цените на автоделовите.