Европратениците гласаа за резолуција со која се бара ослободување на новинарите Курмашева и Гершкович

Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева (Архивска фотографија)

Европските пратеници на 25 април ја одобрија резолуцијата со која се бара „итно и безусловно ослободување“ на сите политички затвореници кои се држат во Русија, вклучително и на новинарите Алсу Курмашева и Еван Гершкович.

Резолуцијата е дел од заедничката иницијатива во Европскиот парламент со која се осудуваат „недемократските“ претседателски избори во Русија минатиот месец и нивното „нелегитимно проширување“ на териториите во Украина кои Москва незаконски ги анектираше.

Резолуцијата, која беше прифатена од 493 европратеници кои гласаа „за“, додека 11 беа „против“, а 18 воздржани, повикува „на итно и безусловно ослободување и обештетување на сите политички затвореници, неправедно затворени новинари, меѓу кои и Алсу Курмашева и Еван Гершкович, како и нивните семејства, со цел враќање на слободата на изразување и здружување во Русија и за зголемен меѓународен надзор и следење на кршењето на човековите права во Русија“.

Меѓу другите, резолуцијата ги именува Владимир Кара-Мурза, Олег Орлов, Ксенија Фадеева, Иван Сафронов и Илја Јашин како политички затвореници кои треба да бидат ослободени.

Курмашева, новинарка од Прага на РСЕ, која има двојно американско и руско државјанство, задржана е во руски притвор уште од 18 октомври под обвинение за кршење на таканаречениот закон за „странски агенти“.

РСЕ и американската влада велат дека обвиненијата се одмазда за нејзината работа како новинар на РСЕ. Таа отпатувала во Русија за да ја посети и да се грижи за нејзината постара мајка и првично била приведена додека го чекала нејзиниот лет за враќање назад на 2 јуни на аеродромот во Казан, каде што и биле одземени пасошите.

Видете и ова: Новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева - шест месеци во руски притвор

Курмашева (47) беше уапсена во Казан и обвинета дека не се регистрирала како странски агент според казнениот руски закон што ги таргетира новинарите, активистите на граѓанското општество и други лица. Таа, исто така, обвинета е и за ширење невистини за руската војска и се соочува со 10 години затворска казна доколку биде осудена.

Многу критичари и групи за човекови права се на став дека таканаречениот закон за странски агенти се користи од страна на Кремљ за сузбивање на какво било несогласување со политиките на Москва, која исто така беше обвинета за приведување Американци за да ги користат како договори за пазарење за размена за Русите затворени во САД.

Курмашева, која живее во чешкиот главен град Прага со нејзиниот сопруг Павел Буторин, кој исто така работи за РСЕ, и нивните две ќерки, на возраст од 12 и 15 години, ги опиша нејзините затворски услови како „лоши“ и рече дека нејзиното здравје се влошило бидејќи таму немала услови да добие соодветен медицински третман.

Видете и ова: Песков: Има контакти за можна размена на новинарот Гершкович, но за нив треба да се молчи

Гершкович, известувач на Вол Стрит Журнал, се наоѓа во притвор од март 2023 година, под обвинение за шпионажа, а и тој и весникот жестоко негираат и тврдат дека 32-годишникот само ја вршел својата работа како акредитиран известувач во периодот кога бил уапсен.

Владата на САД го третира Гершкович како лице коешто е незаконски притворено од страна на Русија, додека Курмашева не е означена на тој начин, и покрај молбите на РСЕ, како и на нејзиното семејство.

Ако Владата на САД и Курмашева ја третира како лице незаконски приведено од Русија, тоа ќе значи дека нејзиниот случај би бил доделен на канцеларијата на специјалниот пратеник за прашања на заложниците во Стејт департментот, со што ќе се подигне политичкиот профил на нејзината ситуација и ќе и се дозволи на администрацијата на Бајден да одвои повеќе ресурси за нејзино ослободување.

Претседателот Владимир Путин лесно победи на изборите во март за кои независните набљудувачи рекоа дека не се ниту слободни ниту фер. Тоа беа првите големи избори што се одржаа во Русија откако Путин ја започна својата целосна инвазија врз Украина пред две години.