Зеленски повика на построги санкции против Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во обраќање пред Советот на Украина и НАТО на 19 април, 2024 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски повика на продолжување на меѓународните санкции против Русија поради нејзината инвазија на Украина додека Киев се бори против вооружените сили на Москва.

Зеленски ова го изјави денеска, 25 април, за време на средбата со британскиот министер за финансии Џереми Хант во Киев, со кого разговараше за состојбата во Украина и потребата од порестриктивни мерки против Русија кои ќе биде потешко да се избегнат.

„Посебно внимание посветивме на политиката на санкции. Важно е да се прошират рестриктивните мерки против Русија и да се оневозможи заобиколувањето на санкциите“, напиша Зеленски на платформата Х.

Зеленски, исто така, и се заблагодари на Британија за новиот пакет воена помош што го објави премиерот Риши Сунак претходно оваа недела.

Пакетот вреден 622 милиони долари, најголемиот досега од Британија, Сунак го објави за време на посетата на Полска на 23 април. Со ова вкупниот износ на воена помош што Лондон и ја вети на Украина оваа година се искачи на 3,71 милијарди долари.

Видете и ова: Бајден го потпиша законот за 61 милијарда долари воена помош за Украина

Велика Британија, еден од најверните сојузници на Украина, исто така порача дека ќе го испрати досега најголемиот единствен пакет помош со воена опрема за Украина.

„Им благодарам на народот, на Владата, на премиерот и на Парламентот на Обединетото Кралство за нивната поддршка кон Украина уште од почетокот на руската инвазија. Ние навистина многу го цениме партнерството на нашите земји“, напиша Зеленски на X.

Посетата на Хант доаѓа откако американскиот претседател Џо Бајден го потпиша законот за долго одложуваниот пакет воена помош од 61 милијарда долари, кој го усвои Сенатот на 24 април.

Бајден рече дека очајно потребната помош, вклучително и повеќе системи за противвоздушна одбрана, ќе почне повторно да пристигнува во Украина неколку часа по одобрувањето на пакетот помош.

Неколку цивили беа ранети, а инфраструктурата беше оштетена од руското гранатирање на 25 април во неколку украински региони.