Во Брисел нова средба за употребата на српскиот динар во Косово

илустрација

Главните преговарачи на Косово и Србија во дијалогот за нормализација на односите, денеска (25 април) ќе одржат нови средби во Брисел за да продолжат со напорите за изнаоѓање решение за трансфер на финансиски средства во динари од Србија на Косово.

Ова ќе биде петта средба на главните преговарачи на двете земји за прашањето на српскиот динар, чија употреба на Косово беше забранета во февруари.

За оваа тема ќе се сретнат Бесник Бислими од Косово и Петар Петковиќ од Србија со специјалниот пратеник на Европската Унија, Мирослав Лајчак. Можни се и заеднички средби меѓу нив, доколку постои волја на страните за такво нешто.

Со новата регулатива на Централната банка на Косово (ЦБК), еврото од 1 февруари е назначено како единствена валута во Косово за готовински плаќања. Стапувањето на сила на оваа уредба ја налути Србија, која преку државниот буџет им испраќа финансиска помош на Србите кои живеат на Косово.

Меѓународната заедница побара од Косово да ја суспендира оваа регулатива, за да им даде време на граѓаните да се прилагодат на новата практика.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Косовските Срби во потрага по готовина поради забраната на динарот

Сепак, Владата на Косово инсистираше дека тоа е независна одлука на ЦБК, а не политичка одлука.

На претходните состаноци во Брисел за ова прашање беа изнесени повеќе предлози за изнаоѓање решение според кое Србија би можела да ги исплати корисниците на финансиската помош во Косово.

Лајчак во вторникот, два дена пред денешната средба, изјави дека работи на изнаоѓање решение за ова прашање.