Сиљановска-Давкова со убедлива победа во првиот круг

Гордана Сиљановска-Давкова

Гордана Сиљановска-Давкова, кандидатка за претседател на Северна Македонија поддржана од ВМРО-ДПМНЕ и Стево Пендаровски, претседателскиот кандидат на СДСМ, ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори што ќе се одржат на 8 мај, покажуваат последните податоци на веб-страницата на Државната изборна комисија (ДИК).

Според резултатите, од преброени гласови од 3474 избирачки места (99, 85 отсто од избирачките места), Сиљановска-Давкова освоила 362.682 гласови или 40,08%отсто. Пендаровски освоил 180.306 гласови односно 19, 93 отсто од гласовите.

Трет по освоени гласови од седуммината претседателски кандидати е Бујар Османи од ДУИ со освоени 120.903 или 13,36%.

Следуваат Арбен Таравари освоил 83.356 или 9,21 отсто гласови, Максим Димитриевски од ЗНАМ со 83.787, односно 9,26% гласови, Билјана Ванковска, кандидатката поддржана од „Левица“ со 41.172 или 4,55% и Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 8.103 или 0,90 отсто од гласовите.

Видете и ова: Сиљановска-Давкова со двојна предност пред Пендаровски во првиот круг

Сиљановска-Давкова во вториот круг влегува со предност од повеќе од 180.000 гласови пред Пендаровски. Двајцата беа директни ривали и на претседателските избори пред пет години, во 2019 година.

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

За некој да победи во првиот круг потребно е да освои 50% + 1 глас од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Во вториот, пак, победува кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно да има излезност од најмалку 40 отсто.

Овие претседателски избори се седми по ред на кои граѓани непосредно го бираат шефот на државата.