ДИК: Гордана Силјановска Давкова води пред Стево Пендаровски

Стево Пендаровски, претседателски кандидат на СДСМ и Гордана Силјановска Давкова, претседателски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска – Давкова има 287.192 гласови (39,93 отсто) со што е во предност пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски, кој има 140.272 гласови (19,50 отсто) на 80,51 отсто од преброените гласови, според првичните неофицијални резултати што ги објавува Државната изборна комисија(ДИК) за првиот круг на претседателските избори.

Кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски има 5.242 гласови (0,73%), кандидатот на ДУИ Бујар Османи има 102.360 гласови (14,23%), кандидатката на Левица Билјана Ванковска – Цветковска има 31.013 гласови (4,31%), кандидатот на албанската опозиција Арбен Таравари има 72.358 гласови (10,06%) и кандидатот на ЗНАМ Максим Димитриевски има 60.850 гласови (8,46%).

ДИК првичните резултати од гласањето добиени по електронски пат ги објавува сукцесивно, а резултатите од записниците од ОИК во рок од 12 часа по завршувањето на изборите.

Конечните резултати од изборите ДИК ги објавува во рок од 24 часа од денот на нивната конечност.

Гласачките места беа отворени од 7 часот до 19 часот. Право на глас имаа 1.814.317 граѓани лица запишани во избирачки список. Тие на 3.480 избирачки места можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати.

Одѕивот на денешните претседателските избори до 18 часот изнесуваше 48,38 oтсто, и е поголем од последните избори за шеф на државата во 2019 година кога до 19 часот на гласање излегоа вкупно 41,67 отсто од запишаните избирачи.

Покажи повеќе


За претседател ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство гласови од вкупниот број евидентирани избирачи, односно 907.159 гласови. Ако никој не го добие потребното мнозинство, ќе се организира втор круг во кој одат двајцата кандидати кои добиле најмногу гласови.

Ова се седми непосредни избори за претседател од независноста на државата. Претходните беа одржани во 1994, 1999, 2004, 2009, 2014 и во 2019 година.