Таравари: Поголемата излезност покажува дека промените доаѓаат

Северна Македонија - Арбен Таравари, кандидат на коалицијата „Вреди“ за претседателските избори во Северна Македонија, 24.4.2024 година

Арбен Таравари, претседателски кандидат на коалицијата на албанската опозиција „Вреди“, на првата прес-конференција по затворањето на гласачките места оцени дека на овие избори има поголема излезност отколку на претходните избори, што, според него, зборува дека промените доаѓаат.

„Како „Вреди“ сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега промените се во кутиите што веќе се отвараат. Се надевам дека нашите комисионери, нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и да се гарантира дека секој глас што е даден на демократски начин ќе излезе на површина. Гласот на граѓанинот никако не треба да се злоупотребува“, рече Таравари.

Видете и ова: Адеми: Честитки за демократската зрелост, очекуваме победа на Османи

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.