Адеми: Честитки за демократската зрелост, очекуваме победа на Османи

Северна Македонија - прес конференција ма Арбр Адеми, шеф на изборниот штаб на ДУИ, претседателски избори, 24.4.2024 година, Скопје

Имавме слободни избори што се одржаа во демократски дух и компетитивна атмосфера, оцени Арбр Адеми, шеф на изборниот штаб на ДУИ, чиј кандидат Бујар Османи беше еден од седумтемина кандидати за претседател на Северна Македонија на претседателските избори што се одржаа денеска.

„Ова е наш заеднички успех за кои сакаме да им честитаме на сите останати учесници. Покажавме демократска зрелост каква што ѝ доликува на земја членка на НАТО и земја преговарач со Европската унија. Секако сакаме да им се заблагодариме на сите граѓани кои гласаа за нашиот кандидат д-р Бујар Османи. Со тоа го доверија својот глас и за Европскиот фронт. Сакаме да знаеме дека вашата волја е запишана и таа ќе биде дел од идните политики на Република Северна Македонија“, рече Адеми.

Видете и ова: ДИК: Излезноста до 18.30 часот е 48,46 отсто

На новинарско прашање за резултатите од гласањето, Адеми рече дека очекува победа.

„Секако дека ние очекуваме длабока победа, сите информации од терен тоа го потврдуваат. Тоа што сме го сработиле завреме на кампања како Европски фронт тоа се покажа и докажа и денес и очекуваме да се потврди и со броење на гласачките ливчиња“, рече Адеми.

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.

Граѓаните можеа да се изјаснат за еден од седумтемина кандидати: Стево Пендаровски од СДСМ, Гордана Силјановска Давкова, кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ, Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од ДУИ, Билјана Ванковска, кандидатка на „Левица“ Арбен Таравари, кандидат на колаицијата „Вреди“ и Максим Димитревски од движењето ЗНАМ.