Муцунски: Овој изборниот ден е почеток на крајот на оваа власт

Северна Македонија - Тимчо Муцунски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, прес конференција, 24.4.2024 година

Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и враќањето на Македонија на народот. Процес кој повторно Македонија ќе ја направи горда, рече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски на првата партиска прес-конференција по затворањето на гласачките места во 19 часот.

Првични резултати од ВМРО-ДПМНЕ очекуваат да споделат после 19.30 часот.

Видете и ова: Заврши гласањето, почнува броењето

Муцунски рече дека граѓаните манифестирале голема излезност со што ја покажале важноста на овие избори. Тој оцени дека изборниот ден поминал фер, но имало мали прекршувања од страна на владејачките партии.

„Од аспект на изборниот процес тој помина генерално во фер и демократска атмосфера, со низа помали прекршувања, пред се предизвикани од партиите на власт и нивните активности. Од досегашните податоци за нерегуларност добиени од нашите набљудувачи, забележано е вршење притисок на гласачи во Општина Сарај, импровизиран штаб во непосредна близина на гласачко место во училиштето „Гоце Делчев“ во Гостивар“, рече Муцунски.

Тој наведе и дека имало неколку случаи на семејно гласање, како и нефункционирање на апаратите за отпечатоци од прсти и немање печати во Куманово.

„За сите забелешки како партија соодветно ќе постапиме пред надлежните институции затоа што во наш интерес е да имаме кристално чист процес, процес кој треба да заврши со победа на Македонија и визијата за реформи и правда“, рече Муцунски.

Александар Даштевски, претседател на Државната изборна Комисија (ДИК), најави дека Комисијата околу полноќ ќе ги објави првичните неофицијални резултати од првиот круг на претседателските избори.

Заклучно со 19 часот заврши гласањето на првиот круг од седмите претседателски избори во Северна Македонија на кои право на глас имаат 1.814.317 избирачи, на вкупно 3.480 избирачки места.