Брисел бара независна истрага за масовните гробници кај болниците во Газа

Медицински тим ги проверува телата на Палестинците убиени во израелска воена офанзива во близина на болницата „Насер“ во Кан Јунис, јужниот дел на Појасот Газа, на 21 април 2024 година.

Европската унија(ЕУ) бара независна истрага за масовните гробници oткриени во двете големи болници во разурнатата Газа, рече Петер Стано, портпарол на Европската служба за надворешна акција (ЕЕАЦ).

„Бараме независна истрага за сомнежите и околностите на тоа откритие, бидејќи тоа создава впечаток дека можело да има прекршување на човековите права“, рече Стано.

Во вторникот, на 23 април, Обединетите Нации повикаа на независна истрага за масовните гробници откриени во двете главни болници во Појасот Газа.

Во изјавата, високиот комесар на ОН за човекови права Волкер Турк рече дека е „згрозен“ од уништувањето на најголемата болница во Газа, болницата „Ал-Шифа“ и медицинскиот комплекс „Насер“ во Кан Јунис, како и од откривањето на масовните гробници до нив.

Израелската армија негираше каква било одговорност и соопшти дека е „неосновано да се верува“ дека ги закопала телата на Палестинците.

Видете и ова: ОН бараат истрага за масовните гробници откриени во две болници во Газа

Претставник на цивилната одбрана во Појасот Газа во вторникот за АФП изјави дека неговите тимови откриле тела на 340 луѓе во масовни гробници на теренот на болницата „Насер“ од саботата.

На почетокот на април, болницата „Ал-Шифа“ беше оставена во урнатини по израелската воена акција.

Болниците во Појасот Газа беа цел на израелските воени операции како одговор на упадот на Хамас (кого САД и ЕУ го прогласија за терористичка организација) на израелска територија на 7 октомври.

Според Израел, Хамас извршува напади од болници и таму крие оружје во тунели, што Хамас го негира.

Во нападот на Хамас со кој започна војната, милитантите убиле околу 1200 луѓе, главно цивили, а зеле околу 250 заложници. Израел вели дека милитантите сè уште држат околу 100 заложници и останките на повеќе од 30 други.

Како одговор, израелската воздушна и копнена офанзива во Газа, чија цел беше елиминирање на Хамас, уби повеќе од 34 000 Палестинци, според локалните здравствени власти, од кои околу две третини се деца и жени. Офанзивата ги уништи двата најголеми града во Газа, создаде хуманитарна криза и предизвика околу 80 отсто од населението на територијата да избега во другите делови на опколената крајбрежна енклава.