Украина „погоди руска нафтена рафинерија“ во Смоленск

Пожар во нафтена рафинерија во Смоленск, Русија, 24 април 2024 г.

Денеска (24 април) наутро Службата за безбедност на Украина (СБУ) изврши напади со дронови при што запалени се складишта со нафта во руската област Смоленск, потврди за Радио Слободна Европа (РСЕ) извор упатен во случајот.

Дроновите погодиле две складишта за гориво и енергија во населбите Јарцево и Роздоров во регионот на Смоленск со што се предизвикани големи пожари и евакуација на вработените, изјави изворот на РСЕ.

„Во овие складишта има 26.000 кубни метри руско гориво. По силните експлозии, во објектите избувнал голем пожар, поради што персоналот е евакуиран“, вели изворот за РСЕ.

Тој додава дека СБУ смета отиобјектите се легитимни воени цели бидејќи служат за логистика – ја снабдуваат руската армија со гориво.

Видете и ова: Пожар во рафинерија за нафта во руски Смоленск

Гувернерот на Смоленск, Василиј Анохин, претходно денеска (24 април) потврди дека украинските беспилотни летала ги погодиле складиштата за гориво и енергија во неговиот регион, при што ги запалиле.

„Нашиот регион повторно е нападнат од украински беспилотни летала“, напиша Анохин, додавајќи дека нема жртви и дека пожарот го гаснат итните служби во областите Смоленск и Јарцево.

За пожарите во нафтените рафинерии во Смоленск и Јарчево информираа и очевидцти. На каналот „Астра“ на Телеграм беше објавено видео снимено од очевидци, а на кое наводно се гледа голем пожар во рафинеријата.

Соочен со зголемен недостиг на системи за противвоздушна одбрана, оружје и муниција, Киев се повеќе прибегнува кон воздушни и поморски напади со беспилотни летала на територијата на Русија, насочени како кон воени цели, така и кон капацитети за преработка на нафта.

Нападите се дел од напорите за намалување на снабдувањето со гориво за руската војска, како и приходите од извоз што Москва ги користи за финансирање на војната.

Видете и ова: Русија соопшти дека соборила 50 украински дронови

Интернет-страницата „Хисторис“, на почетокот на месецов објави дека украинските дронови можат да уништат 15 отсто од руските рафинерии за нафта, додека руската статистичка служба наведува дека до крајот на март производството на бензин во земјата е намалено за 14,3 отсто, а производството на дизел за седум отсто.

Според британското разузнавање, Русија од 23 март изгубила најмалку десет отсто од капацитетот на рафинериите за нафта поради напади со беспилотни летала.

Велика Британија оценува дека нападите предизвикуваат финансиски загуби за Русија бидејќи влијаат на домашниот пазар на гориво.