МВР: Мирен изборен ден со одредени нерегуларности

Портпарол на МВР, Тони Ангеловски

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека изборниот ден се одвива мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Сепак како што изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски, на некои места биле регистрирани одредени неправилности.

„Од отворањето на гласачките места досега имаме регистрирано две фотографирања на гласачко ливче, едно во Скопје, а едно во Штип. Покрај тоа, во Бучим, Радовишко, има едно лице што го покажало гласачкото ливче на набљудувач“, изјави Ангеловски.

Видете и ова: Северна Македонија избира претседател

За сите овие настани, како што вели тој, се преземаат мерки за расчистување на случаите.

„Покрај тоа, на територијата на општина Чаир се забележани летоци, кои биле оставени на паркирани возила, а исто така се испишани и два графита. На едно гласачко место во Скопје, покрај испишаниот графит, од страна на претседател на избирачки одбор е пријавено дека во 6.30 часот во ходникот е пронајдена димна бомба. Веднаш се преземени мерки и активности и на ова место гласањето се одвива непречено“, додава Ангеловски.

Од МВР апелираат граѓаните и учесниците на изборите, да се воздржат од какви било инциденти во текот на гласањето, па се до завршувањето.