Обединетите Нации повикаа на „јасна, транспарентна и веродостојна истрага“ за масовните гробници откриени во двете големи болници во разурнатата Газа, кои беа нападнати од израелски војници.
Веродостојните истражители мора да имаат пристап до локациите, им рече на новинарите портпаролот на ОН Стефан Дужарик, додавајќи дека повеќе новинари мора да можат безбедно да работат во Газа за да известуваат за фактите.
Претходно на 23 април, шефот за човекови права на ОН, Фолкер Турк, рече дека е „згрозен“ од уништувањето на медицинскиот центар Шифа во градот Газа и болницата Насер во јужниот град Кан Јунис, како и од пријавеното откривање на масовни гробници во и околу објектите откако Израелците заминаа.
Тој повика на независни и транспарентни истраги за смртните случаи, велејќи дека „со оглед на преовладувачката клима на неказнивост, ова треба да ги вклучи и меѓународните истражители“.
„Болниците имаат право на посебна заштита според меѓународното хуманитарно право. И намерното убивање на цивили, затвореници и други кои се „неспособни за борба“ е воено злосторство“, изјави Турк.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател во вторникот ги нарече извештаите за масовни гробници во болниците „неверојатно вознемирувачки“ и рече дека американските власти побарале информации од израелската влада.
Израелската војска соопшти дека нејзините сили ексхумирале тела претходно закопани од Палестинци како дел од потрагата по останките на заложниците земени од Хамас (организација која ЕУ и САД ја прогласија за терористичка) за време на нападот на 7 октомври со кој започна војната. Армијата соопшти дека телата биле прегледани со почит и оние тела кои не припаѓале на израелски заложници биле вратени на нивното место.
Израелската војска соопшти дека убила или притворила стотици милитанти заробени во два болнички комплекси, тврдења кои не може да се потврдат независно.
Видете и ова: Хамас потврди дека израелската армија се повлекла од болницата Ал Шифа во ГазаПалестинската цивилна одбрана во Појасот Газа во понеделникот (22 април) соопшти дека открила 283 тела од привремените гробишта во главната болница во Кан Јунис, која беше изградена кога израелските сили упаднаа во објектот минатиот месец. Според групата, тогаш луѓето не можеле да ги закопуваат мртвите на гробиштата и да копаат гробови во дворот на болницата.
Цивилната одбрана соопшти дека некои од телата на луѓето биле убиени за време на опсадата на болницата. Други беа убиени кога израелските сили упаднаа во болницата. Палестинските здравствени власти велат дека рациите на болниците го уништиле здравствениот сектор во Газа.
Останува отворено прашање за тоа кој би можел или треба да ја води истрагата.
За Обединетите Нации да спроведат истрага, ќе треба да го овласти едно од нивните главни тела, рече Дужарик.
„Мислам дека не е на некој да ги прејудицира резултатите или кој би го направил тоа. Мислам дека треба да биде истрага каде што има пристап и кредибилитет“, рече тој.
Главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, по посетата на Израел и на Западниот Брег во декември рече дека судската истрага за можни злосторства на милитантите на Хамас и израелските сили е „приоритет на мојата канцеларија“.
Видете и ова: ОН бараат истрага од Израел за „можно воено злосторство“ во ГазаВо нападот на Хамас со кој започна војната, милитантите убиле околу 1200 луѓе, главно цивили, а зеле околу 250 заложници. Израел вели дека милитантите сè уште држат околу 100 заложници и останките на повеќе од 30 други.
Како одговор, израелската воздушна и копнена офанзива во Газа, чија цел беше елиминирање на Хамас, уби повеќе од 34 000 Палестинци, според локалните здравствени власти, од кои околу две третини се деца и жени. Офанзивата ги уништи двата најголеми града во Газа, создаде хуманитарна криза и предизвика околу 80 отсто од населението на територијата да избега во другите делови на опколената крајбрежна енклава.