Државната изборна комисија (ДИК) е целосно подготвена да ги спроведе утрешните претседателски избори, рече Александар Даштевски, претседател на ДИК, на седницата на комисијата на 23 април.
Даштевски кажа дека нема проблеми со гласањето денеска на болните, затворениците, во дијаспората и лицата во старските домови.
„Гласањето добро се одвива и трае и тие податоци ќе ги имаме до вечер. Некаде е завршено, но гласањето трае до 19 часот. По завршувањето на гласањето денеска, ДИК ќе објави информации за излезноста на гласачите, додека резултатите ќе бидат сублимирани и објавени утре“, рече Даштевски.
Граѓаните ќе можат да го остварат правото на глас со важечки документ за лична идентификација, лична карта и патна исправа со старо уставно име на Република Македонија, како и со лична карта и патна исправа чија важност истекла девет месеци пред денот на одржувањето на изборите, а за утре тоа е 24 јули 2023 година.
Вкупно 1601 лица добија акредитации за утрешните претседателски избори во Северна Македонија, откако на денешната седница на Државната изборна комисија (ДИК) беа акредитирани нови набљудувачи.
Од нив, 915 се домашни набљудувачи, 544 се меѓународни набљудувачи, има 84 преведувачи и 58 странски новинари.
Акредитираните набљудувачи и странски новинари и медиуми добиваат беџови од ДИК за да можат да ги следат изборите. Домашните новинари, фоторепортери и сниматели ќе можат да известуваат и да ги посетуваат избирачките места од изборите само со своите прес-легитимации.
Дозволено е да се снима и да се слика во избирачките места, но не е дозволено да се снима и да се слика зад параванот за да не се наруши тајноста на гласањето, појасни Борис Кондарко, член на ДИК.
На седмите претседателски избори во Северна Македонија, според податоците на ДИК, право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.
Денеска гласаат болните и затворениците во Казнено-поправните домови и лицата во притвор, во старските домови и државјаните во странство.
Утре, на денот на изборите, избирачките места ќе се отворат во 7 часот. Гласањето ќе трае до 19 часот. Ќе се гласа на вкупно 3.480 избирачки места во целата држава.
Ова се седми претседателски избори во Северна Македонија, на кои има седуммина кандидати за претседател на државата.