Податоците за бројот на гласачи во секоја единица на локалната самоуправа во Србија ќе се објавуваат еднаш месечно, наместо на секои три месеци, што беше пракса досега, соопштија од кабинетот на претседателката на собранието на Србија, Ана Брнабиќ.
Како што се наведува во соопштението од српското собрание, тоа е „директен резултат на парламентарниот дијалог инициран од претседателот на српскиот парламент за подобрување на изборните услови и спроведувањето на препораките на ОДИХР“.
„На овој начин сите граѓани на Србија ќе можат месечно да ги следат промените во бројот на избирачи во единствениот избирачки список во секоја единица на локалната самоуправа“, се вели во соопштението на Собранието на Србија.
Објавувањето на точниот број на гласачи во секоја општина е овозможено со измените на Упатството за спроведување на Законот за единствен избирачки список.
Видете и ова:
Српскиот парламент ги усвои законските измени: Локалните и изборите во Белград на 2 јуниПретходно, пратениците во српското собрание ги усвоија измените на Законот за локални избори, со кои се овозможи локалните избори во градовите каде што не беа одржани во декември да се одржат со веќе најавените избори за градската власт во Белград на 2 јуни.
Формирање комисија за ревизија на избирачкиот список, одржување на Белград и локалните избори во ист ден и почитување на законот за медиуми се трите основни барања на опозицијата за учество на тие избори.
Опозицијата претходно ја обвини власта за изборна кражба на декемвриските избори, што владејачката Српска напредна партија и државниот врв ги отфрлија.
Изборни нерегуларности констатирале и меѓународни набљудувачи.
Мисијата на ОДИХР, Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ, по констатираните нерегуларности на изборите на 17 декември, на властите во Србија им испрати 25 препораки за подобрување на условите за избори.
На 17 декември се одржаа вонредни парламентарни, покраински и локални избори во 65 градови и општини низ Србија.