Украински градоначалници во посета на Мостар

Босна и Херцеговина - украински градоначалници во посета на Мостар

Обновувањето на уништената инфраструктура и одржувањето на тоа што не беше уништено од војната е причината поради која 18 градоначалници од Украина пристигнаа во посета на Мостар.

Градот на југот на Босна и Херцеговина претрпе големо уништување за време на војната во 1990-тите. Меѓу нив е и Стариот мост, симболот на Мостар, еден од најважните споменици на османлиската архитектура на Балканот, изграден во 1566 година.

Евгениј Кудод, заменик-градоначалник на Криви Рих, индустриски град на југоистокот на Украина,кажа дека Украина се соочува со она низ што помина Босна и Херцеговина пред три децении.

„Зградите се урнати и сега работиме на проект за да видиме колку можеме да ги обновиме, иако војната продолжува. Не беа гранатирани само станбени згради, туку и училишта и болници, фабрики и енергетска инфраструктура. Градот е сега само со половина од снабдувањето со енергија“, рече Кудот.

Урнатини во Мостар и 25 години по војната


Градоначалникот на Мостар, Марио Кордиќ, рече дека забележал сличности во уништувањето на инфраструктурата, но и во напорите за нејзино обновување.

„Ние им ги пренесовме нашите искуства, иако сето тоа беше одлична импровизација во воени услови, разговаравме за можноста за електрификација, поставување на соларни панели како алтернатива, беа заинтересирани и за водоснабдување и како се снајдовме“, рече Кордиќ.

Се разговараше и за реставрација на историското наследство, кое, како што изјавија домаќините од Мостар, е важно за зачувување на идентитетот и напредок во градењето на мирот.

Украинските градови се цел на бомбардирање од февруари 2022 година, кога Русија ја нападна Украина.