ДИК: Гласањето на затворениците и болните лица се одвива без проблеми

Гласање, избори, илустративна фотографија

Вкупно 2.147 гласачи во 14 казнено-поправни установи денеска во Северна Македонија од утрово го остваруваат своето право на глас за претседателските избори. Гласањето за нив започна утрово во 7 часот и ќе трае се до затворање на гласачките кутии во 19.00 часот.

Како што информираат од Државната изборна комисија (ДИК) до овој момент гласањето во сите казнено-поправни установи се одвива без проблеми.

Покрај затворениците, денеска своето право на глас можат да го остварат и двајца гласачи кои се водат како внатрешно населени, а исто така во текот на денешниот ден се спроведува и гласањето на болните и немоќните лица.

Ова значи дека вкупно 6.935 граѓани кои се пријавиле како болни или немоќни ќе можат да го остварат своето право на глас во своите домови, откако претходно до општинските изборни комисии доставиле известување за својата состојба со соодветна документација.

Видете и ова: Молк за претседателските избори, гласаат болни, затвореници и во дијаспората

Исто така, од ДИК инфомираат дека денеска гласаат и 534 лица сместени во 20 центри за вонсемејна грижа кои своето право на глас ќе го остварат во центарот каде се сместени.

На седмите претседателски избори кои за сите други категории граѓани ќе се одржат утре според податоците на ДИК право на глас имаат вкупно 1.814.317 избирачи.

Избирачките места утре ќе се отворат во 7, а гласањето ќе трае до 19 часот. Ќе се гласа на вкупно 3480 избирачки места во целата држава.