Поплави во Русија и Казахстан, десетици илјади луѓе ги напуштија своите домови

Поплави во Русија.

Надојдените реки во пограничниот регион меѓу јужниот дел на Русија и северниот дел на Казахстан дополнително се зголемуваат.

Нивото на водата достигна рекордно ниво, а поплавите предизвикани од ненадејниот пораст на температурите, кои доведоа до големи количини на стопен снег, продолжуваат да прават хаос и да принудуваат илјадници луѓе да бегаат од нивните домови.

Нивото на реката Ишим, недалеку од истоимениот град во руската област Тјумен, порасна за повеќе од два метри во претходните 24 часа, достигнувајќи ниво од 9,11 метри на 20 април, многу над опасната точка на 8,5 метри, велат од градската управа.

Гувернерот на областа Тјумен, Александар Мор, вели дека сегашните поплави се најголеми од 1947 година.

Видете и ова: Нивото на водата во реката Тобол во Русија и Казахстан „опасно се зголемува“

Во регионот беше воведена вонредна состојба на 8 април, а минатата недела властите наредија итна евакуација на жителите од регионите Казан и Ишим, кога Мор објави дека 51 место, вклучувајќи го и градот Ишим, ќе влезат во зоната на поплави.

Тој, исто така, им вети на евакуираните 50.000 рубли (околу 531 долар) по лице за основни потреби, додека во регионот се отворени десетици центри за привремено сместување.

Администрацијата, исто така, нареди евакуација на животните од фармите за да бидат донесни во безбедни зони, кои се наведени на посебна веб-страница.

Во Казахстан нивото на реката Урал се зголеми за 34 сантиметри, достигнувајќи 8,28 метри во административниот регион Западен Казахстан. Нивото од 8,5 метри се смета за критично.

Куќите на брегот на реката Чаган, која е притока на Урал, а кои беа првите поплавени на почетокот на месецот, сега повторно се под влијание на поплави, а куќите во градот Самал се веќе под вода.

Локалната жителка Ала Иванова за казахстанскиот сервис на Радио Слободна Европа изјави дека до утрото на 20 април водата навлегла во куќите во населбата и дека нивото продолжило да расте.

Видете и ова: Дубаи под вода: поплавени се автопатите и аеродромот

Кон горниот тек на Урал, во регионалната престолнина Орал, заменик-градоначалникот Жандос Дујсенгалиев еден ден претходно објави дека градот нема доволно песок и чакал за зајакнување на речните брегови.

Тој за РСЕ изјави дека властите имаат ограничени можности на располагање и дека на локалното население можат да му обезбедат опрема и празни кеси, но дека ќе мора сами да купат песок, чакал и да ги изградат браните.

Властите во Казахстан велат дека највисокиот водостој во Орал се очекува од 22 до 24 април, а во другите региони на 20 и 21 истиот месец.

Официјални лица рекоа дека повеќе од 100.000 луѓе морале да ги напуштат своите домови низ целата земја поради поплавите.