ЕУ и САД воведоа санкции поради насилство врз Палестинците на Западниот Брег

Израелска населба на окупираниот Западен Брег.

Европската унија на 19 април воведе санкции против четворица радикални Израелци и две организации, обвинувајќи ги за насилни дејствија врз Палестинците на Западниот Брег.

Истиот ден, САД воведоа санкции за две организации за собирање пари за израелските доселеници на окупираниот Западен Брег, како и за водачот на една од радикалните организации. ЕУ и САД ги воведуваат санкциите за насилство врз Палестинците.

Видете и ова: Додека ескалира конфликтот меѓу Иран и Израел, арапските земји остануваат на своето

На кого ЕУ воведе санкции?

Од Брисел беше соопштено дека санкционираните се „одговорни за сериозно кршење на човековите права на Палестинците, вклучително и тортура и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување или казнување, како и за кршење на правото на сопственост и приватниот и семејниот живот на Палестинците на Западниот Брег“.

Во соопштението се вели дека се санкционирани Лехава - опишана како „десничарска еврејска врховистичка група“ и „Хилтоп Јут“ - организација за која се вели дека е „радикална младинска група составена од членови познати по насилни дејствија врз Палестинците и нивните села на Западниот Брег“.

Списокот на санкции ги вклучува Меир Етингер и Елиша Јеред - водачи на организацијата „Хилтоп Јут“, со обвинувања дека и двајцата „биле вмешани во смртоносни напади врз Палестинците во 2015 и во 2023 година“.

Нериа Бен Пази и Јинон Леви исто така се санкционирани за повеќекратни напади врз Палестинци.

Со санкциите се замрзнуваат сите средства што може да ги имаат во ЕУ, а им забрануваат на граѓаните на земјите-членки на ЕУ да прават бизнис со нив. На четирите лица им е забрането и патување во ЕУ.

Видете и ова: Ал-Тани: Преговорите меѓу Израел и Хамас се во застој

Одлуката на Брисел за санкции е дел од договорот меѓу земјите-членки според кој членовите на палестинскиот Хамас - организација означена како терористичка организација од ЕУ и САД, беа санкционирани минатата недела за сексуално насилство за време на нападот врз Израел на 7 октомври.

На Западниот Брег, кој Израел го окупираше од 1967 година, забележано е зголемување на насилството во изминатата година, особено по избувнувањето на војната меѓу Израел и Хамас во Газа.

Најмалку 468 Палестинци се убиени од страна на израелските сили или доселеници ширум Западниот Брег по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври којшто ја предизвика војната, според официјални палестински извори.

Видете и ова: Путин го повика Блискиот Исток да се воздржи од нови конфликти

На кого САД воведоа санкции?

САД воведоа санкции за две организации обвинети за собирање средства за екстремистичките доселеници на окупираниот Западен Брег, за кои се вели дека малтретирале и напаѓале Палестинци.

Два субјекти беа санкционирани - „Фондот на планината Хеброн“ и Шлом Асирајх. За нив се наведува дека собрале повеќе од 170.000 долари во кампања за собирање пари за израелските доселеници.

На листата на санкции, како што е наведено во одлуката, е и Бен-Зион Гопштајн - лидерот на организацијата Лехава, чии членови напаѓале Палестинци.

Американскиот заменик-секретар за финансии Воли Адејемо рече дека овие организации и поединци „го поткопуваат мирот, безбедноста и стабилноста на Западниот Брег“.

„Ние ќе продолжиме да ги користиме нашите алатки за одговорните да ги повикаме на одговорност“, додаде тој.

На санкционираните им се блокираат средствата доколку ги имаат во САД, а на американските граѓани им е забрането да прават бизнис со нив.