ЕУ повторно го повика Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинство

Северна Митровица, една од четирите општини со српско мнозинство на северот на Косово. (архивска фотографија).

Европската унија (ЕУ) на 19 април го повтори својот повик до Косово да започне со спроведување на обврската поврзана со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство.

Покана е испратена и до Косово и до Србија, да ги исполнат сите обврски кои произлегуваат од дијалогот со посредство на Европската унија.

„Сите договори постигнати во дијалогот се документи и обврски кои важат за двете страни. Тие мора да се спроведуваат и почитуваат. Постојано им го повторуваме ова на двете страни“, рече портпаролот на Европската комисија Петер Стано на прес-конференцијата по повод 11 годишнината од Бриселскиот договор, со кој беше планирано формирање на Заедницата на Косово.

„За време на процесот на дијалог често имавме значајни годишнини од различни договори. Пред неколку дена имавме и годишнина од таканаречениот Охридски договор и рековме дека клучот е во неговото спроведување. Истото важи и за договорите постигнати порано. Тие мора да се спроведат“, рече Стано.

Видете и ова: Вучиќ и командантот на КФОР Улуташ на воената вежба „Вихор 2024“

Тој оцени дека прашањето за Заедницата е „најитното прашање“.

„ЕУ, како и другите меѓународни партнери, беа и останаа јасни кон косовските власти по ова прашање. Тие мора да ја спроведат оваа обврска, бидејќи неисполнувањето ќе има сериозни последици“, рече тој.

Тој нагласи дека истото важи и за Охридскиот договор.

„Високиот претставник на ЕУ, Јозеп Борел, беше јасен дека спроведувањето на овој договор сега е поврзано со напредокот и на Србија и на Косово на патот кон членство во ЕУ. Доколку страните не дадат резултати во спроведувањето на овие обврски, тогаш ќе има сериозни последици“, додаде Стано.

„А единствените кои ќе ја платат цената на тоа неисполнување ќе бидат граѓаните чии интереси двете страни велат дека ги штитат. Така што најголемата цена во случај на недостиг на имплементација ќе ја платат граѓаните на Косово и Србија“, рече Стано.

Видете и ова: Во Брисел продолжува дијалогот меѓу Белград и Приштина за употребата на динарот во Косово

Основањето на ЗСО, Косово и Србија го договорија со Бриселскиот договор во 2013 година, но властите во Косово се двоумат дали да го спроведат договорот, стравувајќи дека овластувањата на Заедницата би можеле да влијаат на функционалноста на државата.

Двете земји од 2011 година преговараат за нормализација на односите, но десетината постигнати договори не се спроведени на терен.

Меѓународната заедница го зголеми притисокот врз Косово да формира Заедница на општини со српско мнозинство, истовремено барајќи од Србија де факто да го признае Косово.

Двете точки се предвидени во Охридскиот договор, кој усно го одобрија српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти.