Боки-13 бара повторување на постапката за случајот „Рекет“

Бојан Јовановски - Боки 13 во судница за случајот „Рекет“, 11 февруари 2020 година

Бојан Јовановски во јавноста познат како Боки 13 и еден од осудените во случајот Рекет и обвинет во предметот Меѓународен сојуз, денеска (19 април) пред Основниот кривичен суд Скопје поднесе барање за повторување на постапката за случајот „Рекет“ и побара фер, а не брза судска постапка за случајот „Меѓународен сојуз“.

„Меѓународен сојуз е укинат и се надевам и барам само фер судска постапка. Јас моментално сум лице кое е правосилно осудено, но кое доби прекин на издржување на затворската казна поради здраствени причини. Не сакам мојот изглед да биде злоупотребен и јавноста да зборува дека не ми е ништо, туку за моето лошо здравје јас имам целосна документација. Имам индикации дека најверојатно ќе треба да се прави уште некоја интервенција и вакво нешто не посакувам никому“, рече Јовановски.

Во изјава која е прва откако тој доби прекин на издржувањето на затворска казна за случајот „Рекет“ поради здраствени причини, тој меѓудругото рече и дека случајот „Рекет“ не е расчистен, иако за него има правосилна судска пресуда.

„Денеска официјално во Основниот кривичен суд е барање за повторување на кривичната постапка под името „Рекет“. Оваа одредба ја користиме врз основа на нови околности кои не беа земени во предвед во постапката. Рекет не е расчистен, јавноста мора да дознае што се случувало. Зоран Заев тврди дека знаел за Рекет во смисла дека го бранел законот. Заев беше човекот кој комуницираше дирекно со овие лица и беше човек од позиција на моќ кој можел да влијае, тој е се само не човек кој го бранел законот. Заев изврши влијание за Јордан Камчев да го добие пасошот назад и за тоа имам докази. А за парите од „Рекет“, Русковска и Камчев знаат каде се. Русковска со овој предмет си направи себепромоција. Таа прво тврдеше дека парите се во мојот дом, па потоа сум ги потрошил на мојата телевизија 1 ТВ, за на крај да каже дека се потрошени на гардеробата која сум ја носел, а ми беше запленета. Тоа се три различни изјави. Русковска зборуваше онака како ќе и се погодеше денот, а не со аргументи“, рече Јовановски пред судот.

Видете и ова: Врховен суд ја потврди пресудата за „Рекет“, Јанева и Боки 13 остануваат во затвор

Јовановски за „Рекет“ е осуден на затвор од 9 години. Поранешната специјална обвинителка Јанева е осудена на 7 годишна затворска казна. Третообвинетиот Зоран Милески-Кичеец призна вина за предметот и беше осуден на 3 години затвор.

Јанева и Јовановски беа спроведени во затворот Идризово на 23 јуни 2021 година на издржување на затворската казна, откако Апелациониот суд ги одби жалбите на обвинетите во случајот Рекет и на Јавниот обвинител и ја потврди провостепената пресуда во целост.

Во ноември лани, Основниот кривичен суд Скопје донесе одлука за прекин на издржувањето на казната затвор за Јовановски, со образложение дека здравјето му е влошено и дека во затворот не може да биде соодветно лекуван.

Видете и ова: Боки 13 на слобода, доби прекин на затворската казна

На почетокот на месецот пак, Апелацискиот суд ја укина пресудата за „Меѓународен сојуз“ според која Јовановски беше осуден на деветгодишна затворска казна, за кривични дела поврзани со измама и перење пари преку невладината организација. Второбвинетата во овој предмет заменик-претседателката на „Меѓународниот сојуз“, Јасна Ерцеговиќ доби 4 години казна затвор. Меѓу обвинетите беше и поранешната пратеничка од СДСМ, Фросина Ременски, која се гонеше за помагање во делото измама, но Судот ја ослободи од обвинението, бидејќи јавниот обвинител не прикажал доволно докази дека таа сторила кривично дело.