Поддржувачите на Додик на собир против резолуцијата за Сребреница

На собирот имаше знамиња на Република Српска, на соседна Србија и со рускиот претседател Владимир Путин, 18 април 2024 г.

Поддржувачите на владејачката Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) – партијата на Милорад Додик и на другите партии што се на власт во босанскиот ентитет Република Српска, денеска (18 април) одржаа народен собир во Бања Лука поради најавата за усвојување на резолуцијата за Сребреница во Обединетите Нации (ОН).

Повикот за собир го упати прорускиот претседател на Република Српска, Милорад Додик, кој е на црните листи на САД и Велика Британија.

Резолуцијата за Сребреница во Обединетите Нации, со која 11 јули се прогласува за Меѓународен ден на сеќавање на геноцидот во овој град на истокот на Босна и Херцеговина, беше тема на состанокот зад затворени врати во ОН на 17 април. Генералното собрание на ОН веќе на почетокот на мај би можело да расправа за овој документ, кој го иницираа Германија и Руанда.

Еден од коспонзорите на овој документ, по одлука на министерот за надворешни работи Бујар Османи, е и Северна Македонија.

Видете и ова: Османи по српските реакции за резолуцијата за Сребреница: Најдобро за Србија е да ја залечи оваа рана

Радио Слободна Европа (РСЕ) имаше увид во нацртот на резолуцијата, која, меѓу другото, повикува на безрезервна осуда на секое негирање на геноцидот и ги повикува членките на ОН да ги зачуваат утврдените факти и да развијат соодветни програми преку нивните образовни системи, со цел во иднина да се спречи ревизионизам и геноцид.

Српскиот народ, како и колективната одговорност, не се директно спомнати во овој документ.

На собирот во Бања Лука дојдоа и владини претставници од Србија – Ана Брнабиќ, претседателка на српскиот парламент, Никола Селаковиќ – министер во технички мандат за труд, вработување и социјални работи во Владата на Србија.

Брнабиќ изјави дека Србија е за почитување на Дејтонскиот договор.

„Денес во Србија има луѓе на власт кои секогаш ќе бидат со Република Српска и со нашиот народ. Не мора да мислиме исто, но секогаш ќе бидеме заедно. Колку е потешко, толку ќе бидеме поблиски“, порача Брнабиќ.

На митингот во Бања Лука забележливи беа знамиња на Република Српска, на соседна Србија и со рускиот претседател Владимир Путин.

На една од улиците во центарот на Бања Лука, РСЕ сними автобуси од Србија – од градовите Белград, Шабац, Обреновац, Лозница и Уб.

Автобуси од Србија превезуваат граѓани на собирот во Бања Лука

Сопственикот на „АИС Турса“ од Крупње кај Лозница, Славко Мициќ, накратко за РСЕ изјави дека „не знае дали неговите автобуси се во Бања Лука, дека се издаваат преку агенција и дека во моментов ги има насекаде“.

Газдата на компанијата „Аладин Турс“ од Уб, Јован Јовановиќ, пак, истакна дека никогаш не прашува кој се вози со автобусите.

„Јас превезувам за пари, а не прашувам каде се вози, кој се вози. Аранжманите ги договараат шефовите за сообраќај според класичните услови“, рече Јовановиќ.

На еден паркинг, кој се наоѓа на околу три километри од центарот на Бања Лука, забележани се и автобуси кои донесоа граѓаните на собирот. РСЕ фотографираше и автобус со регистарски таблички од Прибој во Србија.

Сопственикот на компанијата, кој не сакаше да се претстави, за РСЕ изјави дека „испратиле еден автобус“, но „не знае кои се патниците од Прибој“.

Злосторството во Сребреница се карактеризира како геноцид

Во 2007 година, Меѓународниот суд на правдата во Хаг го окарактеризира злосторството во Сребреница како геноцид, во кое во јули 1995 година беа убиени повеќе од 8.000 мажи и момчиња од тогашната енклава под заштита на Обединетите нации.

За овие злосторства, беа осудени повеќе од 50 лица кои добија вкупно околу 700 години затвор.

Пресудите на Хаг и домашните судови за виновни за геноцид прогласија поединци, а не колективи, држави или ентитети.

Хашкиот суд утврди дека Србија и Црна Гора не се одговорни за геноцидот во Босна и Херцеговина, ниту се соучесници, иако поранешна Југославија не направи ништо за да го спречи тоа.

Видете и ова: Собранието на Република Српска изгласа извештај со кој се негира геноцидот во Сребреница


Во заедничкото соопштение на Канцеларијата на високиот претставник (ОХР), Амбасадата на САД и Канцеларијата на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во БиХ од 2018 година, се наведува дека не станува збор за колективната одговорност на Србите за Сребреница.

„Никој не ја демонизира Република Српска и не зборува за колективната одговорност на Република Српска или на српскиот народ, како што тврдат претседателот на Република Српска и други“, беше потенцирано во тогашното соопштение.

Овие институции реагираа откако Националното собрание на Република Српска на седницата го отфрли извештајот за Сребреница изготвен во 2003 и 2004 година, во кој Владата на РС призна дека во овој град на истокот на Босна и Херцеговина се случило злосторство од големи размери.